ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО УЛТРАМАРАТОН

Светски рекорд на Сорокин – за 24 часа истрчал 319,614 км

Литванскиот ултрамаратонец Александар Сорокин го урна сопствениот светски рекорд, со истрчани 319,614 км за 24 часа, на Европското првенство (ЕП) во ултрамаратон, кое се одржа во Верона (Италија). Сорокин (40) трчал просечно 4,30 мин./км, со што го подобрил ланскиот рекорд од истрчани 303,506 км.
– Многу сум уморен, но и двојно возбуден. Многу, многу сум благодарен за вашата поддршка, навистина го почувствував тоа – напиша Сорокин на својот инстаграм-профил.
Второто место на ЕП му припадна на Полјакот Анджеј Пјотровски (301,858 км), а третото на Италијанецот Марко Визинити (288,437 км). Во женска конкуренција победи Патрисја Березновска од Полска, која истрча 256,250 км, пред Французинката Стефани Жикел со 253,581 км и пред Малгоржата Пазда-Позорска од Полска со 251,806 км.
Во екипна конкуренција, Полска ги освои двата златни медала, со претрчани 754,822 км во женска и 825,526 км во машка конкуренција. Л.Д.


ФУДБАЛ – СПОРЕД ЦИЕС

Манчестер јунајтед води на листата со преплатени трансфери

Манчестер јунајтед забележал најголемо прекумерно трошење за трансферите на фудбалерите во претходната деценија меѓу 86 клуба од т.н. „големи пет“ европски лиги (Англија, Франција, Германија, Шпанија и Италија), според статистичкиот модел на фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС) во Швајцарија.
Тој клуб за 33-те трансфери направени помеѓу јули 2012 и ноември 2021 година платил 1,59 милијарда евра или 238 милиони евра повеќе од проценетата вредност на тие играчи на фудбалскиот пазар (1,36 милијарда), според статистичкиот модел развиен од ЦИЕС. Следните два клуба на оваа листа се Јувентус и Пари сен Жермен, кои ги преплатиле играчите за 233, односно за 162 милиони евра.
Само три англиски премиерлигаши се меѓу 36-те клуба од овие пет лиги што потрошиле помалку пари од очекуваното при склучувањето на во моментот реално проценетите зделки, со што се нагласува улогата во зголемувањето на трансферната инфлација. Од Англија помалку од процената вредност на играчите платиле Вулверхемптон (седум милион евра), Тотенхем (шест) и Брајтон (еден). Л.Д.


Есенва пријателски средби со Финска и со Саудиска Арабија

Фудбалската федерација на Македонија го потврди пријателскиот натпревар на македонската репрезентација против Финска на 17 ноември на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Претходниот натпревар против Финска, исто така, пријателски, во март 2018 година, во Турција, заврши без голови. Репрезентацијата на Македонија треба да одигра пријателски натпревар и со Саудиска Арабија, во Абу Даби, на 22 октомври. Овие контролни натпревари би требало да послужат како подготовка за квалификациските средби за пласман на Европското првенство во 2024 година во Германија. Ждрепката за составот на групите е закажана за 9 октомври во Франкфурт, а мечевите треба да се играат од март до ноември в година.Л.Д.


ФУДБАЛ

Лигата на шампионите надвор од Европа?

Фудбалските директори на врвните европски клубови ја разгледуваат идејата натпревари од Лигата на шампионите (ЛШ) да се играат во САД, во Кина или на Блискиот Исток, за да ѝ го приближат натпреварувањето на глобалната публика, пишува интернет-порталот „Атлетик“. За вчера попладне во Хрватска бил закажан состанок на Извршниот комитет (ИК) на Европската фудбалска унија (УЕФА), а утре и в петок во Истанбул, Европската клупска асоцијација (ЕКА) треба да го одржи 28-то генерално собрание.
Идејата допрва треба детално да се истражи, но првичниот концепт бил во странство да се играат натпревари од групната фаза, наместо поважните нокаут-натпревари. Суперкупот на УЕФА, исто така, би можел да се игра надвор од континентот, а УЕФА размислува тоа натпреварување да се прошири на четири тима, наместо директната пресметка помеѓу победниците на ЛШ и на Лига Европа, пишува „Атлетик“.
Од домашните натпреварувања, Суперкупот на Италија, на пример, првпат се одржа во странство во 1993 година, во Вашингтон. Оттогаш таков меч се одигра уште еднаш во САД, четири пати во Кина, двапати во Катар, а сезонава мечот помеѓу шампионот Милан и освојувачот на Купот на Италија, Интер, ќе се одигра во Саудиска Арабија, третпат во претходните пет години. Суперкупот на Шпанија беше проширен во формат со четири тима во 2019 година и двапати во претходните три години се одржа во Саудиска Арабија. Л.Д.