Фото: Игор Бансколиев

Низа показатели, анкети и испитувања на јавното мислење во изминатиов период покажуваат дека македонските граѓани не прифаќаат веќе шарени лаги, односно ветувања што подоцна се покажуваат како лажни, ниту пак ултиматуми и уцени од никого, па макар предлогот се викал француски, бугарски, европски или како и да е. Македонскиот народ отсекогаш негувал европски вредности и сака преговори со ЕУ, но врз основа на Копенхашките критериуми, онака како што преговараа сите други земји-членки на Унијата, а не со наметнување некакви уценувачки предлози. Клучното прашање е дали оваа моќна порака ќе допре до оние за кои е наменета

Откако во изминатите два месеца на некој начин созреа францускиот предлог и народот и стручната јавност имаа доволно време добро да го изанализираат секој негов детаљ, општиот впечаток е дека станува збор за лош документ што не само што нема да ја доближи Македонија кон Европската Унија туку уште повеќе ќе ги влоши односите со Бугарија.  Претходно таинственоста на преговорите со Бугарија и криењето од јавноста за што точно се преговара внесоа огромна доза недоверба меѓу македонските граѓани, недоверба што беше дополнително засилена откако до последен момент се криеше содржината и на францускиот предлог и на билатералниот протокол што беше потпишан со официјална Софија.
Сега кога помина доволно време за да слегне целиот дневнополитички прав што се крена во изминатиот период, кога се обелодени содржината на сите овие документи и кога истите овие документи беа детално анализирани од граѓаните и јавноста, народот го кажа својот став и ја испрати пораката.
Имено, според најновото истражување направено од страна на фондацијата „Конрад Аденауер“, 57,1 отсто од македонските граѓани не го поддржуваат документот со кој се тргна бугарското вето и почна скрининг-процесот на земјава во рамките на преговарачкиот процес за членство во Европската Унија. Исто толкав процент граѓани сметаат дека потпишувањето на документот не ги стоплил односите помеѓу Македонија и Бугарија, туку дека дополнително ги влошил.

Резултатите од истражувањето упатуваат на единствениот разумен заклучок, дека народот во оваа земја отсекогаш негувал европски вредности и сака преговори со ЕУ врз основа на Копенхашките критериуми, онака како што преговараа сите земји-членки на Унијата, а не со наметнување некакви уценувачки предлози, кои, очигледно, се неприфатливи за огромното мнозинство македонски граѓани.
Истражувањето открива и еден друг аспект на целата приказна со францускиот предлог, а тоа е дека народот испраќа јасна и недвосмислена порака дека тој не се согласува повеќе да биде уценуван од никого, па макар предлогот се викал француски, бугарски, европски или како и да е. Клучното прашање е дали оваа моќна порака ќе допре до некого.
– Не сум оптимист дека некој ќе ја слушне оваа јасна порака на народот. До нив не допре ниту пораката од претходниот референдум за името, а требаше да допре. Мислам дека приказната се турка докрај и дека до нив не допира никаква порака од народот, туку напротив, се оди спротивно на волјата на тој народ и јас воопшто не гледам дека некој од нив застанува во одбрана на нашите интереси и во одбрана на она што го бара народот – вели професорката Солза Грчева.
Според неа, лагодното изгласување на заклучоците во Собранието и покрај противењето на народот покажува дека народната волја не се почитува.

– Тие постојано одат спроти волјата на народот. Не се поставени од народот и едноставно не се чувствуваат повикани да го слушаат тој народ. Поставени се од друг центар и ги слушаат наредбите од таму. Нема зошто да ја слушнат пораката на народот. Свесно одат на тоа дека ќе ги загубат следните избори и сега се однесуваат како пред распадот на Римската Империја. Да приграбат што може, да го избуткаат проектот што е нарачан и толку – потенцира Грчева.
Таа додава дека и оваа порака од народот ќе биде игнорирана, при што преку притисок ќе се наметнува поинакво мислење кај граѓаните.

– Напротив, меѓу луѓето ќе се наметнува мислење дека секој оној што е против францускиот предлог и Договорот со Бугарија да се чувствува осамен, да се чувствува малцинство, да мисли дека греши, да мисли дека ја затвора европската иднина кога вистината е сосема друга – заклучува професорката Грчева.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски се согласува дека никој ниту ги слушал, ниту, пак, ќе ги слуша пораките на народот.
– Многу ретко се слушаат вистинските желби и потреби на граѓаните. Онаа што е наметната и прифатена агенда мора да се спроведе и тука завршува целата работа. Апсолутно на сите им е јасно дека францускиот предлог е лош и дека сè што се прави се прави на наша штета, но едноставно мора да го испорачаат тоа што го ветиле и тоа го прават, без оглед какви пораки стигаат од народот и тука нема никакви дилеми – заклучува Пекевски.