КОШАРКА – ЕП ЗА КАДЕТИ ВО СКОПЈЕ

Следува осминафиналето

Кадетската репрезентација на Македонија со по една победа и пораз ги почна натпреварите во Скопје, на Европското првенство (ЕП) за кошаркари до 16 години, дивизија А, каде што настапуваат 16 селекции. Македонските момчиња, кои се во групата Д, во првото коло ја совладаа Црна Гора, со 69-62, а во второто загубија од Грција, со 48-78. Вчера црвено-жолтите играа со Шпанија за второто место во својата група.
Против Црна Гора најефикасен во македонските редови беше Димитар Зетов, со 20 поени, Никола Јаничиќ впиша 14, а Стефан Стојковиќ 11 коша. Кај Црногорците, Давид Мирковиќ забележа 30 поени, дополнети со 19 скока. Против Грција најефикасен беше Јаничиќ, со девет поени. По две кола, Литванија, Словенија, Италија и Грција имаат по две победи. Сите селекции од четирите групи ќе обезбедат пласман во осминафиналето на ЕП 2022. Г.И.


ФУДБАЛ – АНКЕТА НА„БИ-БИ-СИ“

Избран идеалниот тим на 30-годишнината од Премиер-лигата

Англиската фудбалска Премиер-лига годинава слави 30 години од формирањето, по што „Би-би-си“ направи анкета за состав на идеалниот тим на натпреварувањето. По повеќе од 225.000 учесници во анкетата, во најдобриот состав на Премиер-лигата влегоа Питер Шмајхел (Манчестер јунајтед) – Гери Невил (Манчестер јунајтед), Рио Фердинанд (Вест Хем, Лидс и Манчестер јунајтед), Џон Тери (Челси), Ешли Кол (Арсенал и Челси) – Стивен Џерард (Ливерпул), Кевин де Брујне (Манчестер сити), Патрик Виера (Арсенал, Манчестер сити), Кристијано Роналдо (Манчестер јунајтед), Алан Ширер (Блекбурн и Њукасл) и Тиери Анри (Арсенал).
Шмајхел освои повеќе од 50 отсто од гласовите. Петр Чех од Челси (20 проценти) беше единствениот друг со двоцифрен процент од гласовите на учесниците во анкетата. Во одбраната неколку актуелни играчи, дуото на Ливерпул, Трент Александер-Арнолд и Вирџил ван Дијк, силно притискаа за вклучување во идеалниот состав. Единствен активен фудбалер од Премиер-лигата што се најде во составот е Де Брујне. Френк Лампард, Рој Кин и Пол Сколс беа во комбинација за влез во средниот ред на идеалниот состав. Во нападот поранешниот напаѓач на Арсенал, Анри беше најизбраниот играч, со над 155.000 селекции. Покрај него е и Ширер, кој постигна рекорден број голови во Премиер-лигата. Роналдо е третиот човек на тој силен напад и беше избран повеќе од 117.000 пати.


ФУДБАЛСКИ ЗАНИМЛИВОСТИ
Кој има најмногу стадиони, клубови, кој никогаш не загубил од Бразил…?

Фудбалот и понатаму е најпопуларниот спорт во светот, со дури три и пол милијарди симпатизери, социокултурен феномен на сите краеви на планетата. Има многу фудбалски факти што ќе ги одушеват дури и неговите најстрасни следбеници, пишуваат хрватски медиуми, кои избраа неколку интересни факти за фудбалот.
– Која земја има најголем број фудбалски стадиони? Неофицијалните податоци покажуваат дека САД се земја со најмногу фудбалски стадиони, приближно 300, Бразил е на второто место со 270, а Кина и Велика Британија се веднаш зад нив. Од друга страна, Лондон ја презема титулата за град со најмногу фудбалски стадиони, 22, а Буенос Аирес има 19.
– Која земја има најголем број фудбалски тимови? Ако ја погледнеме листата на ФИФА на земји што регистрирале фудбалски клубови преку нивните различни национални фудбалски асоцијации, Јужна Африка е во водство, со 51.944 регистрирани клубови во 2016 година. Во Русија има нешто повеќе од 43.000, а во В. Британија околу 42.000. На листата следуваат Германија, Франција, Италија и Узбекистан, со 15.000 регистрирани фудбалски клубови, повеќе од Шпанија.
– Која земја освоила најмногу титули светски шампион? Од 1930 година до денес, светското првенство се одржало 21 пат, а само осум земји од 211 членки на ФИФА ја освоиле престижната титула за најдобар во светот – Бразил дури пет пати, Германија и Италија по четири пати, Аргентина, Франција и Уругвај по двапати, а Англија и Шпанија по еднаш.
– Која селекција никогаш не загубила од Бразил? Норвешката фудбалска репрезентација до овој момент остана единствената што никогаш не загубила натпревар од Бразил. На четири средби, Норвешка по двапати победи и ремизира.
– Колку километри просечно трча еден фудбалер по натпревар? Секоја играчка позиција е различна и бара различно трчање на теренот. Во 2020 година, Интернационалниот центар за спортски студии разви иновативен пристап за следење играчи, во кој главниот фокус беше растојанието што го поминуваа играчите за време на натпреварите. Следени биле 7.855 натпревари во 31 лига од светот, а студијата покажа дека фудбалерите поминуваат во просек нешто повеќе од 10 километри по натпревар, иако некои играчи од средниот ред бележат дури 15 километри за 90 минути игра.
– Кој е официјално најбрзиот постигнат гол во историјата на фудбалот? Ако ги земеме предвид само оние голови што беа постигнати од центарот (почеток) на натпреварите помеѓу регистрираните клубови во фудбалските асоцијации низ светот, тогаш Гевин Стоукс го држи рекордот, тој постигна гол за време на јуниорскиот натпревар помеѓу шкотските клубови Мерихил и Клајдбанк за 2,1 секунди.
– Кој финален натпревар од фудбалско натпреварување е најгледан? Светското првенство во Русија беше прогласено за најгледано досега. Вкупно го гледале повеќе од 3,6 милијарди луѓе во светот, а финалето Франција – Хрватска го гледале повеќе од 1,12 милијарда гледачи.