Заборски неколку години беше карате-шампион на Македонија во тешка и во апсолутна категорија. Беше освојувач и на осум екипни титули, а кариерата ја продолжи како тренер во Макпетрол и селектор на повеќе национални селекции. Тој успешно ја одбрани докторската дисертација од областа на каратето и се стекна со звањето доктор

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (243)

Неодамнешниот успех на македонските каратисти на Европската универзијада во Лоџ, во Полска, некако ме поттикна да се навратам на каратето, кое веќе неколку години е еден од нашите најуспешни спортови. Предводени од селекторот д-р Бошко Заборски, македонските студенти се вратија со два златни и еден бронзен медал. Така, продолжи успешниот од на каратистите на универзијадите, на кои и во минатото беа освојувани медали. Ова е убав момент да се потсетиме и на почетоците на овој спорт кај нас, во кој многу години жнееме само успеси.
Карате-вештината на македонските простори ја донесоа и први ја промовираа професорот Атанас Кајчевски и Сејдо Теофиловски, во втората половина на 60-тите години од минатиот век. Практично од џудото, кое многу порано се практикуваше, произлегоа првите каратисти и така почна да се плете приказната за спортот што ни донесе многу радости. Во минатите времиња, пред распадот на поранешната држава, нашите каратисти настапуваа под знамето на Југославија. Тогаш имавме неколку истакнати поединци, кои станаа стандардни репрезентативци. Од сите нив најмногу ќе се паметат Назим Куртовиќ и Луиза Гашева, кои беа и првите освојувачи на медали од големите меѓународни приредби. Но во историјата остануваат запишани и имињата на Кечевски, Опеловски, Огњановски, Недев, Саздовски и уште неколкумина, кои придонесоа каратето во Македонија да се издигне на високо ниво. Подоцна, откако се одделивме од дотогашната заедница, македонските каратисти настапуваат под знамето на својата земја и продолжуваат да чекорат по патеките на успехот. Еден од оние што сета своја младост, а може да се каже и живот, му ја посвети на каратето е д-р Бошко Заборски. Тој на 18 години, некаде во 1982 година, почна да се појавува на борилиштето, за брзо потоа да стане шампион на Македонија во тешка и во апсолутна категорија. Подоцна, веројатно чувствувајќи оти не ќе може да се раздели од овој спорт, тој станува тренер и селектор. Со еден збор, се издигнува во една личност со која се идентификуваат сите постигнувања на македонските каратисти во претходните дваесетина години.
– Уште на млади години се загреав за каратето. И што е многу интересно, не само јас, туку целото мое семејство почна да „живее“ со овој спорт. Така, карате-вештината стана составен дел од нашето секојдневие. Овој спорт беше причина да се запишам и на Факултетот за физичка култура и да докторирам, иако претходно го завршив и Природо-математичкиот факултет – вели Заборски.

ВЛАЕ – ЦЕНТАР НА КАРАТЕТО

Многумина можеби не знаат оти своевремено, па и денес, Влае е населбата во која каратето има свои корени.
– Уште како осмоодделенец пројавував интересирање кон повеќе спортови. Можеби за ова најголема заслуга имаше нашиот професор по физичко Неделко Неделковски, кој по вокација на млади години беше ракометар, а потоа и ракометен судија. Со него, и јас и моите соученици ги почнавме организираните тренинзи, но не во каратето, туку во ракометот и во кошарката. Бев член на кошаркарска екипа со која бевме победници на училишните натпревари во Скопје и во Македонија. Но играта под кошевите не траеше долго. Во тоа време во Влае се отвори една карате-секција, која го носеше името „Јосип Броз-Тито“. Се зачленив во неа и почнав да ги изучувам основните елементи на карате-вештината. Покрај мене, дојдоа и неколкумина мои другари, па, така, бројот на заинтересирани од ден на ден се зголемуваше. Откако и тренерите видоа дека каратето ги привлекува младите поведоа иницијатива секцијата да прерасне во клуб. Така беше формиран и првиот клуб во населбата, кој го доби името КК Лепенец. Од тие моменти почнавме да учествувавме и на натпреварите. Тоа ни даваше уште поголем стимул, а мене ми стана јасно дека веќе нема бегање од каратето – ја почнува својата приказна Бошко Заборски.
Меѓутоа, условите за работа стануваа сѐ потешки. Најголем проблем беше да се обезбеди сала за да може непречено да се одвиваат тренинзите и натпреварите.
– Тогаш се појави една искра надеж. Поранешниот шампион и репрезентативец на Југославија, професорот Чедо Саздовски го формира карате-клубот Вардар. Овде веќе условите беа многу подобри и голем број деца од другите клубови, кога видоа дека во Вардар работата станува сериозна, поминаа во него и тука ја продолжија кариерата. Еден од тие „новопечени“ вардарци бев и јас. Практично, оттогаш почнува мојата вистинска активност во каратето. Не останав само во Вардар, туку настапував и за други клубови, со кои освоив осум екипни титули првак на Македонија – вели Заборски.

ШАМПИОН ВО НАЈТЕШКИТЕ КАТЕГОРИИ

Физичката конституција на Бошко Заборски беше таква што му овозможи брзо да помине низ помалите тежински категории и да стигне до тешка, а потоа и до најтешката, апсолутна категорија.
– Повеќепати бев шампион во едната и во другата категорија. Но најмногу се гордеев со титулите во апсолутна категорија, зашто тука како да бев шампион и во сите други категории. Така го сфаќав тоа, не само јас туку сите инволвирани во каратето, зашто ако си првак во апсолутната категорија тоа беше како да си најдобар и во помалите тежински категории – продолжи Заборски.
Каратистите на Вардар беа членови на Првата југословенска лига. Во неа имаа многу успешни настапи и незаборавни борби.
– Во мојата меморија посебно место имаат две борби. Првата беше со црногорскиот првак Драгољуб Фатиќ, кој беше големо име на тогашните југословенски простори. Успеав да ремизирам 5-5, но со судиско надгласување победата му беше доделена на Фатиќ. Вториот незаборавен меч ми беше кога пред преполната сала „Скендерија“ во Сараево се соочив со шампионот на Југославија, Иваниќ. Тоа беше една жестока борба, во која загубив со 6-5, но не разочарав. Гледачите цело време беа на нозе и со голема возбуда го следеа дуелот, давајќи му голема поддршка на нивниот миленик – вели Заборски.
КК Вардар две сезони беше прволигаш, а негови членови покрај Заборски беа уште неколкумина каратисти, кои беа македонски прваци во своите тежински категории. Во таа шампионска група, меѓу другите беа Добревски, Савевски, Јакимовски, Јовановски.
– Да напоменам дека предводени од Чедомир Саздовски, настапивме на два европски шампионата, во Бевервијк, Холандија, каде што во поединечна конкуренција бев втор. Потоа бев член на репрезентацијата на ЕП во Нирнберг, каде што го освоивме петтото место во екипна конкуренција. Но овие резултати паднаа во сенка, зашто токму тогаш се случи распадот на поранешна Југославија – вели тој.

ФОРМИРАЊЕТО НА КК МАКПЕТРОЛ ВИСТИНСКИ ПОТЕГ

Во последната декада од минатиот век, откако сите се разделивме од поранешната држава, секој си тргна по својот пат.
– Се случи нашата Карате-федерација да биде брзо примена во Светската карате-асоцијација, па, така, своите настапи на меѓународната сцена ги продолживме под знамето на Македонија. Тоа кај сите нас будеше посебно чувство, кое тешко се опишува со зборови. Тогаш, каратето заживеа во многу македонски градови. Се формираа нови клубови, кои опфаќаа спортисти од сите возрасти. Кај мене, со оглед на тоа што на 30-годишна возраст се определив да бидам тренер, во 1994 година се роди идеја да формирам клуб во рамките на „Макпетрол“. Генералниот директор Андреа Јосифовски, кој сега е претседател на управниот одбор, веднаш прифати да се формира карате-клуб што ќе го носи името на компанијата. Така, по модел на Металург, кој многу години пред нас беше формиран благодарение на првиот човек на „Макстил“, Минчо Јорданов, заживеа и Макпетрол. Оттогаш до денес меѓу двата клуба има здрав ривалитет, кој придонесува да се крева и квалитетот на каратето. Така, можам да кажам дека формирањето на КК Макпетрол беше вистински потег – вели Бошко Заборски.
Идната недела ќе читате за тренерскиот и за селекторскиот живот на Бошко Заборски, кој беше исполнет со успеси и многу возбудливи моменти.


БОШКО ЗАБОРСКИ

Роден: во 1964 година во Скопје
Кариера: Лепенец, Вардар, Студент, Металург, Енергопромет, Макпетрол, репрезентација на Македонија и поранешна Југославија
Успеси: Повеќекратен македонски првак во тешка и во апсолутна категорија, осум пати со најразлични клубови екипен првак на Македонија, второ место на ЕП во Бевервијк во поединечна конкуренција, петти екипно на ЕП во Нирнберг