ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕП 2022
Ристески победи по 90 потези
ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Емил Ристески (2.347 рејтинг-поени) ја оствари единствената победа од шестемина македонски претставници во седмото коло на Европско првенство (ЕП) во Брежице (Словенија). Ристески како „бел“ го победи ФМ од Унгарија, Ференц Гомбоч (рејтинг 2.188), во 90. потег, откако остана со два пешака повеќе на таблата. Тој моментно е и најуспешен македонски претставник на ЕП 2022, и со 3,5 поени е на делба на 131.-195. место. Велемајсторот (ВМ) Кирил Георгиев (рејтинг 2.564) загуби од Украинецот Богдан Биловил (2.272), Филип Михов (2.255) од португалскиот интернационален мајстор (ИМ) Вентура Соуса (2.429), ФМ Роберт Велески (2.136) од италијанскиот ИМ Федерико Манца (2.370), Антон Златков (2.081) од израелскиот КМ Елие Миликов (2.256), а Хедон Мифтари (1.987) од Германецот Тимур Кохарин (1.760). Георгиев по седмото коло реши да го напушти турнирот. На ЕП 2022, на кое играат 317 шахисти (114 ВМ) од 40 држави, шаховската правда ја дели и македонскиот интернационален судија Тони Кироски. По ова коло, Георгиев, Михов и Велески имаат по 2,5 поена и се на делба на 233.-273. место, Златков со два поена е на делба на 274.-296. место, а Мифтари со еден поен е на делба на 306.-311. место. Со 6,5 поени сам на врвот изби ВМ од Германија, Матијас Блубаум (рејтинг 2.642, рангиран на 20-то место пред почетокот на ЕП). Г.И.
ТЕНИС
Победнички рекорд на Швјонтек
Ига Швјонтек (20) ја задржа својата доминантна форма во 2022 година, победувајќи ја Јапонката Наоми Осака во финалето на тенискиот мастерс-турнир од серијата 1.000, Мајами опен. Тенисерката од Полска веќе знаеше дека денеска ќе стане светски рекет број еден, а на Флорида замина откако ги освои титулите во Доха и во Индијан Велс.
Шампионката на гранслем-турнирот Ролан Гарос во 2020 година стигна до победата со 6-4, 6-0 на дуелот со Осака и сега има 17 последователни победи. Швјонтек стана и првата тенисерка што ги освоила првите три мастерс-турнира од серијата 1.000 во годината, и само четвртата тенисерка што победила и на Индијан Велс и на Мајами во иста сезона, по Штефи Граф (победи во 1994 и во 1996 година), Ким Клајстерс (2005) и Викторија Азаренка (2016), но е најмладата со таков успех.
КОШАРКА – НБА-ЛИГА
Дурент за еден поен го надмина личниот рекорд
Кошаркарот на Бруклин, Кевин Дурент (33), постави личен рекорд од 55 поена во поразот на неговиот тим од инспирираната Атланта со 115-122, во најсилната кошаркарска лига, НБА.
Со оваа победа над директниот конкурент, Атланта направи значаен чекор кон пласман во плејофот во Источната конференција (плејофот почнува на 16 април), иако не успеа да го сопре Дурент, чиј претходен личен рекорд беше 54 поени за Оклахома во 2014 година.
Во славеничкиот тим најдобар играч беше Тре Јанг со 36 поени и десет асистенции, а солидно одиграа и Италијанецот Данило Галинари и Деандре Хантер, кои постигнаа по 15 поени. За Бруклин, покрај Дурент, се истакна и Кајри Ирвинг со 31 кош.
На табелата во Западната конференција води Феникс (62 победи, 15 порази), а потоа се Мемфис (55-23), Голден стејт (49-29) итн. Во Источната конференција води Мајами (50-28), пред Милвоки (48-29) и пред Бостон (48-30), Аталанта е осма (41-37), а Бруклин е 10-ти (40-38). Г.И.