Ворхолм и Томпсон-Хера најдобри атлетичари годинава

Норвешкиот атлетичар на 400 метри, Карстен Ворхолм, и спринтерката од Јамајка, Елејн Томпсон-Хера, се прогласени за најдобри атлетичари во светот за 2021 година во изборот на Светската атлетика (СА).
Ворхолм (25) ја доби наградата за мажи за соборување на 29 години стариот светски рекорд и за освојување на олимпиското злато во Токио. Неговото време од 45,94 секунди се смета за едно од најголемите олимписки перформанси на сите времиња. Томпсон-Хера (29), пак, ја доби наградата за победите на спринтерското двојно злато (во трките на 100 и на 200 метри) на вторите последователни летни олимписки игри (ЛОИ). Томпсон-Хера, исто така, постигна 10,54 секунди на 100 метри и 21,53 секунда на 200 метри, со што се искачи на второто место на светската ранг-листа на сите времиња, зад Флоренс Грифит-Џојнер (10,49, односно 21,34 секунда).
Американката Атинг Му (19), која ја освои олимписката титула на 800 метри, е прогласена за женска атлетска ѕвезда во подем. Американецот Еријон Најтон, пак, кој со само 17 години го освои четвртото место во трката на 200 метри на ЛОИ во Токио, ја освои еквивалентната машка награда. Г.И.


РАКОМЕТ – СП ЗА ЖЕНИ ВО ШПАНИЈА
Аргентина постигна само три гола за 30 минути

Актуелните светски вицешампионки, ракометарките на Шпанија, на отворањето на 25. Светско првенство (СП) за жени, кое се одржува во Шпанија до 19 декември, убедливо ја победија селекцијата на Аргентина со 29-13 (18-3). Воведниот натпревар, кој се одигра во градот Торевиеха пред повеќе од 2.000 гледачи, го обележи тоа што Аргентинките во првиот дел постигнаа три гола. Кај Шпанките 13 ракометарки се впишаа во листата на стрелците, а најмногу, по пет пати, Кармен Кампос Коста и Александрина Кабрал Барбоса. Во групата Х, покрај Шпанија и Аргентина, се и Австрија и Кина. На ова СП првпат играат 32 селекции (досега по 24). Првите три од секоја од осумте групи одат во втората фаза од натпреварувањето. Титулата ја брани Холандија. Г.И.


ФУДБАЛ – СПОРЕД ЦИЕС
Селтик е шампион во должината на движењето на топката

Во најновото издание на фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС) со седиште во Швајцарија беа анализирани обидите за додавања на топката по натпревар и просечната должина на додавањата на тимови од 40 фудбалски лиги во светот. Множењето на овие две променливи ја покажува должината на движењето на топката за време на поседот кај тимовите.
Тоа растојание варира од 12,8 километри по меч за шкотскиот Селтик, до 6,9 километри на Атлетико Сан Луис од Мексико. Зад Селтик се Динамо Загреб и Ајакс со по 11,8 км. Од тимовите од петте најсилни лиги во Европа (Англија, Германија, Франција, Шпанија, Италија), топката најдолго ја движат играчите на Баерн во Бундес-лигата (11,7 км, четврти меѓу 654-те анализирани тима), Манчестер сити во Премиер-лигата (11,6 км, петти), Севилја во Ла лига (11,5, шеста), Монако во Лига 1 (10,7 км, 29-ти) и Фиорентина во Серија А (10,3 км, 51.). На врвот меѓу тимовите од неевропските лиги е Фламенго од Бразил. Л.Д.