На годинашниот 50-ти јубилеен „Златен гонг 2021“, кој ќе се одржи од утре до сабота, ќе учествуваат над 60 боксери од 14 земји, Македонија, Англија, Ирска, Велс, Молдавија, Украина, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Косово, Албанија, Кина и Бугарија. Борбите ќе се одржат на рингот во СЦ „Борис Трајковски“ (мала сала). Според програмата, четврт-финалето е утре од 16 часот, в петок ќе има две сесии, полуфинале од 13 и од 18 часот, а финалето е в сабота од 20 часот, со пренос на МРТ и на ТВ Аренаспорт.

– Благодарам за големата поддршка од АМС, ние како федерација успеавме да се извлечеме од кризата, чекор по чекор одиме напред. Ова е 50-ти јубилеен „Златен гонг“, и покрај пандемијата, бројката од над 60 пријавени боксери ќе донесе квалитетни борби – изјави претседателот на Боксерската федерација на Македонија, Примислав Димовски.

Македонија ќе ја претставуваат седум боксери: Ардијан Џемаили (категорија до 54 кг), Оран Јашаровски (до 57 кг), Јасин Љама (до 60 кг), Дион Лена (до 63,5 кг), Ферид Хоџа (до 71 кг), Лео Јовановски (до 75 кг) и Арсим Етеми (до 80 кг), предводени од тренерот Руждија Калач. Г.И.