На двете трки на 58. Мавровски меморијал во скијачко трчање, во машка и во женска конкуренција, победија Крешимир Црнковиќ и Ведрана Малец

НОРДИСКО СКИЈАЊЕ

Комплетен триумф на претставниците на Хрватска на 58. Мавровски меморијал во скијачко трчање што се одржа на падините на Бистра. Кај мажите на патеката од 10 км доминираше Крешимир Црнковиќ, кој победи на двата натпревара. Хамза Дурсун од Турција беше трет и втор, Страхиња Ериќ од БиХ го освои второто место на првата трка, а Даниел Пешков од Бугарија второто на втората трка. Од македонски скијачи, најдобри пласмани забележа Ставре Јада, на седмото и на деветтото место.
Кај жените на двете трки на пет километри победи Хрватката Ведрана Малец. Нејзината сонародничка Аника Козица беше втора и трета, како и Русинката Варвара Прохорова, со трето и второ место. Кај македонските скијачи, Михаела Даноска беше 12-та и 15-та.
– Можеше и подобро, но со оглед на фактот дека сезонава доста доцна почнавме со тренинзите и со трките, пласманите на Јада, Даноска и на другите македонски скијач(к)и се во рамките на моментните можности – изјави тренерот и селектор на македонските нордијци, Ѓоко Динески.

На годинашниот Меморијал, кој традиционално се одржува во чест и во спомен на 38-те градители на мавровскиот електросистем и на 14-те граничари што ги загубија животите во снежната лавина во 1956 година, настапија над 60 скијач(к)и од десет земји, во прекрасни временски услови
По Маврово, за Јада ќе следува настапот на Светското првенство (СП) во биатлон, на Покљука, во Словенија (од вторник до 21 февруари). Минатата недела Јада настапи и на ЕП во биатлон во Дужники, Полска. Круна на сезоната за македонските скијачи-тркачи треба да биде настапот на 42. СП во нордиско скијање во Оберсдорф, Германија, од 22 февруари до 5 март.