Корт е третиот Данец што се радувал на Џиро д’Италија
Во генералниот пласман води Британецот Герент Томас пред Словенецот Примож Роглиќ

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Магнус Корт победи во десеттата етапа на велосипедската трка Џиро д’Италија, додека, пак, Британецот Герент Томас го презеде водството во генералниот пласман. Данецот ја забележа својата прва етапна победа на оваа трка, со време од 51 минута и 15 секунди. Со овој триумф, тој стана само третиот Данец што победил на трите најпознати грандтур-трки, покрај Мадс Педерсен и Јеспер Скиби. Етапата долга 196 км се возеше од Скандијано до Вијареџо.
Втор заврши Канаѓанецот Дерек Ги, додека трет беше Италијанецот Алесандро де Марки, со две секунди заостанување. Розовата маичка наменета за лидерот во генералниот пласман ја облече Томас од тимот на Инеос, со вкупно време од 39 часа, 26 минути и 33 секунди. Тој го презеде водечкото место откако Белгиецот Ремко Евенепул се повлече бидејќи беше позитивен на ковид-19. Втор во генералниот пласман е Словенецот Примож Роглич (Џамбо-Висма), со две секунди заостанување, а трет е Британецот Тео Харт Гејган од Инеос, со пет секунди побавно време.
Следната етапа се возеше вчера од Камајоре до Тортоне (219 км). Годинашново, 106-то издание на Џиро д’Италија трае вкупно 21 ден, а беа пријавени вкупно 176 натпреварувачи. Г.И.


ФОРМУЛА 1

Поради обилни дождови откажана трката во Имола

Италија деновиве ја зафатија обилни дождови, кои направија големи поплави, поточно во областите Тоскана и во Емилија-Ромања, па трката за големата награда на Италија, која требаше да се вози во Имола, е откажана. Како што пренесува „Скај спортс“, официјалниот пренесувач на трките во Ф1 во Велика Британија, ситуацијата е деликатна, притоа прикажувајќи и видеоматеријали од самото место.
Но екипажите на екипите не можеле да пристапат до патеката поради поплавените патишта, дело на излиената река Сантерно, која тече близу патеката и е на исто ниво со брегот. Според протоколот, екипажите вчера почнале да ја истовараат својата опрема на патеката каде што ќе се вози трката, но веднаш добиле наредба да го напуштат целиот комплекс на „Аутодромо Енцо е Дино Ферари“ во Имола.
Тимовите со своите болиди и опрема, откако ќе ја натоварат, ќе се насочат кон Монте Карло, за следната трка, која е предвидена да се вози на 28 мај. Г.И.


Рубљов загуби од Германецот Ханфман, а Синер од Аргентинецот Серундоло

ТЕНИС – МАСТЕРС-ТУРНИР ВО РИМ
Елиминирани Рубљов и Синер

Германскиот тенисер Јаник Ханфман се пласира во четврт-финалето на мастерс-турнирот во Рим, откако го совлада Русинот Андреј Рубљов со 2-1 во сетови (7-6, 4-6, 6-3). Моментално 101-от тенисер во светот го надигра шестиот на АТП-листата за малку повеќе од 150 минути. Ханфман во четврт-финалето ќе игра против Русинот Данил Медведев.
Во четврт-финалето се пласира и Аргентинецот Франциско Серундоло, откако славеше над Италијанецот Јаник Синер исто така со 2-1 во сетови (6-7, 6-2, 6-2). Два часа и 25 минути траеше дуелот помеѓу 31-от во светот Серундоло и осмиот тенисер Синер. Серундоло успеа да се пласира во третото четврт-финале на турнирот, а за пласман во полуфиналето ќе се бори со Норвежанецот Каспер Руд, кој, пак, претходно го елиминира српскиот тенисер Ласло Џере.
Првиот фаворит, Србинот Новак Ѓоковиќ се пласира во четврт-финалето во Рим со победата над Британецот Камерон Нори, со 2-0 во сетови (6-3, 6-4). Во женска конкуренција, место меѓу осумте најдобри обезбеди шпанската тенисерка Паула Бадоса, која беше подобра од Каролина Мухова од Чешка со 2-1 во сетови (6-4, 6-7, 6-2). Во следното коло таа ќе игра против Летонката Јелена Остапенко. Г.И.