Вечерва ќе може во живо да се следи неговото рочиште пред австралискиот федерален суд. Сослушувањето почнува во 10 часот наутро по локално време, а по наше вечерва точно на полноќ. Австралиските власти објавија и линк на кој ќе може да се следи преносот
Светскиот тенисер број еден, Новак Ѓоковиќ, по четиридневен престој во имиграциски хотел во Мелбурн, вечерва на полноќ по средноевропско време ќе ја почне својата одбрана пред федералниот суд откако австралиските власти му ја укинаа визата. Додека австралиските власти не му дозволуваат на Ѓоковиќ влез во државата, со интервју за „9 Њус Мелбурн“, се огласи директорот на турнирот Австралија Опен, Крег Тајли.
– Од самиот почеток потенциравме дека приоритет е безбедноста на нашите граѓани во Австралија. Поради тоа, побаравме задолжителна вакцинација од сите кои доаѓаат на турнирот. За време на Ју-Ес oпен, вакцинирани беа само 50 проценти од играчите, а по нашите барања, сега имаме процент од 97. Сепак, постоеше и можност за медицинско изземање, но постојано пристигнуваа многу контрадикторини информации од властите. Постојано баравме објаснувања, бидејќи наша цел е да им овозоможиме безбеден пристап на играчите – вели Тајли.
Сепак, директорот на турнирот вели дека би сакал да го види Ѓоковиќ како настапува.
– Од почетокот велиме дека најсигурен начин да се дојде на турнирот е вакцинацијата, односно да се приложи доказ за вакцина која е признаена во Австралија. Секако, пристигнаа повеќе барања за медицинско изземање, но тоа постои и за сите други луѓе кои сакаат да дојдат во Австралија, а не само за тенисерите. Нема да обвинувам никого за оваа непријатна ситуација, секоја недела разговаравме со властите, но секоја недела информациите се менуваа. Живееме во предизвикувачки период и јас не обвинувам никого. Ние направивме се што требаше да направиме и ги споделивме сите информации до играчите. Искрено, би сакал да го гледам Новак како игра на Австралија Опен – вели Тајли.
Во меѓувреме, Ѓоковиќ го започна процесот за оспорување на одлуката на австралиската влада да му ја откаже визата, велејќи дека минатиот месец се заразил со ковид-19 и на тој начин се квалификувал за медицинско ослободување од барањата за вакцинација во земјата. Адвокатскиот тим на српската тениска ѕвезда вчера поднесе документација од 35 страници во која се наведува дека одлуката треба да се промени, што според адвокатите потенцијално ќе значи дека Ѓоковиќ ќе може да ја брани титулата на Австралија опен.
Синоќа австралиските медиуми објавија дека визата на чешката тенисерка Рената Воракова, исто така, била откажана и покрај тоа што добила ослободување од вакцинација, а денеска во локалните медиуми има објави дека таа ќе биде депортирана.