Вардар во полуфиналето го совлада Алкалоид со 31-22, додека Еурофарм Пелистер беше подобар од Пролет со 28-21

РАКОМЕТ – ДЕНЕСКА ФИНАЛЕ НА КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА

Вардар и Еурофарм Пелистер ќе играат во денешното машко финале на ракометниот Куп на Македонија, кое ќе се одржи во СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид (18 ч.), откако и двете екипи забележаа победа во полуфиналните дуели. Вардарци над Алкалоид (31-22), додека битолчани над Пролет (28-21).
– Одигравме на добро ниво. Клучна беше добрата подготовка за натпреварот и полуфиналето, како и желбата да освоиме барем еден трофеј сезонава. Сакавме финале со Еурофарм Пелистер и мислам дека имаме квалитет да се носиме со нив – вели вардаровиот тренер Владо Недановски.
Во редовите на Вардар, кој досега 15 пати победил во домашниот Куп, најдобар беше Манасков со 12 гола, одличен на голот беше Томовски (17 одбрани), додека кај Алкалоид, Серафимов реализира шест погодоци.
– Знаевме дека Вардар е фаворит на овој меч и мислам дека заслужено победи. Ние го загубивме натпреварот во првото полувреме, кога промашувавме многу зицери, а не може еден Вардар, кој е играчки поквалитетен од нас, да го изненадите двапати – рече тренерот на Алкалоид и селектор на македонската репрезентација Кирил Лазаров.
Кај Еурофарм Пелистер (кој по 14-ти пат ќе игра финале во домашниот Куп), најефикасни беа Кузманоски со седум и Костески со пет гола, додека во таборот на Пролет се истакнаа Палевски со шест и Спасовски со пет погодоци.
Тренерот на битолчани Александар Јовиќ е оптимист пред финалето.
– Против Пролет игравме со играчи што имаат помала минутажа, а оние што го понесоа товарот во дуелот со Вардар, се одморија. Подготвени ќе го дочекаме финалниот натпревар, кој ќе претставува празник за ракометот – рече Јовиќ по победата над Пролет. Г.И.