Фото: Игор Бансколиев

Македонија е во силна група, во која се актуелниот олимписки првак и европски вицепрвак Франција, селекцијата во подем Холандија и Романија, која ја има и четирикратната најдобра светска ракометарка Кристина Неагу. Со помош на домашната публика во СЦ „Борис Трајковски“, македонските репрезентативки ќе настојуваат да бидат меѓу првите три во својата група, кои одат во следната групна фаза, исто така во Скопје. Деновиве, Македонија повторно ќе живее со најтрофејниот македонски екипен спорт, репрезентативките ветија дека ќе го дадат максимумот, а посакуваат полната сала да им биде ветер во грбот во таа поставена цел. Титулата од ЕП 2020 ја брани Норвешка

РАКОМЕТ

Европското ракометно првенство (ЕП) за жени, 15-то по ред, во Словенија (Љубљана, Целје), Македонија (Скопје) и во Црна Гора (Подгорица), на кое последен пат ќе играат 16 репрезентации, и официјално почнува денеска, со натпреварите во првото коло во групите А и Б во Љубљана и во Целје и ќе трае до 20 ноември. Меѓу 16-те селекции свои амбиции, секако, негува и подмладената македонска репрезентација, предводена од селекторот Љубомир Савевски. По 2008 година, ова ќе биде вторпат ЕП да се игра во Македонија.
Македонските репрезентативки се во мошне силната група во која се актуелниот олимписки првак и европски вицепрвак Франција, селекцијата во подем Холандија и Романија, која во своите редови ја има и четирикратната најдобра светска ракометарка Кристина Неагу. Со помош на домашната публика во СЦ „Борис Трајковски“, македонските репрезентативки ќе настојуваат да бидат меѓу првите три селекции во својата група, кои одат во следната групна фаза, а тоа значи и најмалку уште три дополнителни натпревари, исто така во Скопје.
Титулата од ЕП 2020 ја брани селекцијата на Норвешка, која според ракометни стручњаци е фаворит за златниот медал. За тоа говорат и осумте злата, како и вкупно 2.993 постигнати гола досега, што е 462 повеќе од вториот најдобар напад, на селекцијата на Данска.
Но она што е најважно деновиве, Македонија повторно ќе живее со најтрофејниот македонски екипен спорт, кој донел толку многу радости во минатото забележувајќи многубројни победи и континуирани настапи. Амбициозните македонски репрезентативки и на ова ЕП, како и на она пред 14 години, ветија дека ќе го дадат максимумот и ќе го остават срцето на теренот, а посакуваат полната сала да им биде ветер во грбот во таа поставена цел. Г.И.


Норвешка најтрофејна, Швајцарија дебитант

Вкупно 12 репрезентации освојувале медали на досегашните 14 одржани европски првенства (ЕП) за ракометарки, кои се играат од 1994 година, а прв победник била Данска. Најтрофејна репрезентација е Норвешка со осум титули (1998, 2004, 2006, 2008, 2010, 2014, 2016 и 2020 година). Трипати шампион била Данска (1994, 1994 и 2002 година), а по еднаш славеле Франција, Унгарија и Црна Гора. Репрезентацијата на Швајцарија е дебитант на ЕП 2022. За Македонија ова е шесто учество (1998, 2000, 2006, 2008 и 2012 година), а најдобриот пласман е седмото место во Македонија во 2008 година. На сите ЕП досега настапиле Данска, Унгарија и Норвешка.


Македонија со две победи и три порази во првите кола

Македонската женска ракометна репрезентација досега настапила на пет европски првенства (ЕП), а во првите кола има две победи и три порази. Победнички почнала на ЕП 2000 во Романија кога е победен големиот фаворит Данска (20-19), и на ЕП 2006 во Шведска, против Србија (25-23), а загубила на ЕП 1998 во Холандија, од Данска (21-37), на ЕП 2008 во Македонија од Германија (22-25) и на ЕП 2012 во Србија, од Франција (16-29), со која и сега ќе игра во првото коло. Македонија досега има вкупно седум победи, две нерешени средби и 18 порази на ЕП. Од селекциите со кои сега е во група, Македонија досега, освен со Франција, играла и со Романија (19-19), на ЕП 2000.


Користење видеоснимки

На ЕП 2022 повторно на видео ќе се им нуди можност на судиите веднаш да ја гледаат ситуација на ТВ-екранот ако не можат да ја видат целосната акција на теренот или доколку сакаат да проверат пред да донесат конечна одлука. Ова се однесува на клучни ситуации на мечевите, каде што судиите одлучуваат дополнително да ја проверат ТВ-снимката на настанот. Употребата на видеорепродукција е моќна за гол, казна, погрешна употреба на сирената, погрешна замена, како и ситуација што може да се случи во последните 30 секунди од мечот, ако судиите имаат сериозни резерви во врска со одлуката за пенал или за техничка грешка направена од играч што постигнал гол (чекори, прекршок во напад, исклучување, прекршок во голманскиот простор, двоен дриблинг…).


Директни преноси на МТВ

Македонската телевизија ќе ги пренесува натпреварите од Европското првенство (ЕП), а ќе има по два преноса дневно, од 18 и од 20.30 часот во фазата по групи. Во деновите кога ќе игра Македонија, освен дуелот на македонските репрезентативки, пренос ќе има и од вториот натпревар од групата каде што е Македонија. Распоред на преноси: Данска – Словенија (денеска, од 18 ч.), Норвешка – Хрватска (денеска, од 20.30 ч.), Македонија – Франција (утре од 18 ч.), Холандија – Романија (утре од 20.30 ч.), Хрватска – Унгарија (недела од 18 ч.), Србија – Данска (недела од 20.30 ч.), Македонија – Холандија (понеделник од 18 ч.), Романија – Франција (понеделник од 20.30 ч.)…


ЕП 2022, ПРВО КОЛО

ДЕНЕСКА
ГРУПА А, Љубљана
Унгарија – Швајцарија 18 ч.
Норвешка – Хрватска 20.30 ч.

ГРУПА Б, Целје
Данска – Словенија 18 ч.
Шведска – Србија 20.30 ч.

УТРЕ
ГРУПА Ц, Скопје
Франција – Македонија 18 ч.
Холандија – Романија 20 30 ч.

ГРУПА Д, Подгорица
Црна Гора – Шпанија 18 ч.
Полска – Германија 20.30 ч.