Фото: Маја Јаневска-Илиева

ПРИКАЗНИ ОД ЖИВОТОТ

Ти дојдоа гости, дедо Драги, му подвикнува медицинската сестра на 103-годишниот Драган Тасевски, кој со прекрстени раце седи во дневната соба и повремено си го подместува шеширот.

– А зарем не сме сите гости – ѝ враќа дедото и одеднаш ја шири насмевката, сосема свесен за минливоста на животот.

Драган неодамна наполни 103 години. Меѓутоа духот му е млад, мислата блага, насмевката блажена.

Фото: Приватна архива

Очите му се малку заматени, вели дека не гледа убаво. Ама тоа не го спречува да се смее и да пее.

– По цел ден и ноќ слушам музика. Ако нема пуштено, веднаш им велам да пуштат. „Вино пијам, ем ракија“ најмногу ме радува кога ќе ја чујам. Не знам зошто – раскажува дедо Драги.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Денот му минува во дружба со пријателите во домот за стари лица. Утрото му почнува со доручек, па кафе, со друштвени игри, па со различни активности – онолку колку што му дозволува телото.

– Преку ден си седам тука, во соба си имам два кревети. Што да правам, очите малку ми гледаат, ушите слабо ми слушаат, нозете малку ми одат. Од сѐ, само срцето најмногу ме слуша – вели дедото.

Дедо Драги има многу проживеано. Роден е во Штип и завршил работничка гимназија. А потоа работел со воени авиони, ги поправал.

– Дваесет години работев со авиони. Секакви имаше, американски, германски… Пет години бев во војната. Меѓутоа не се борев директно, работев во позадина. Сите држави учествуваа во војната. Работевме најчесто ноќе, за да не нѐ видат од небото. Работев и во Белград и во Нови Сад. Имаше и многу луѓе од Македонија. Најголемиот страв во животот ми бил кога нѐ надлетуваа авиони и кога се криев – вели дедо Драги.
За себе вели дека е роден во зло-време. Дека секое време во кое има војна е најлошото време.

– Германците ни беа непријатели. Во сојуз со нив беа и Бугарите. И кога Германците изгубија и се повлекоа, Бугарите одма сакаа да се пријатели со нас. Тоа беше веќе на крајот. Во 1945 година Америка пушти бомба во Јапонија. Јапонскиот цар само ги крена рацете и рече: Победен сум. Со тоа заврши војната. Бомбата сѐ смири и досега е мирно. Не смее никој да почне војна, и не треба да почне. Треба да има само мир – раскажува дедото.

Со воодушевување збори за времето со авионите. Вели многу шетал и дека е среќен поради тоа и дека сака и денес да шета.

– Цела Југославија сум шетал, и Германија и Русија и Полска и Австрија. Денес не можам никаде да отидам – со блага носталгија – вели Драги.

Кога завршила војната сите ги вратиле во Скопје. Дедо Драги не сакал во тоа време да се врати. Сакал да си најде жена од Војводина.

– Заврши војната и сите имавме ударничка работа. Сите работевме за безпари, добивавме само храна и кревет. Сакав да се женам во Војводина, реков тогаш: Ако се оженам во Војводина, одма секаде во светот ќе има мир. Меѓутоа, цела единица нѐ вратија во Скопје – со насмевка зборува дедото.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со блаженство се сеќава на деновите потоа, кога завршило тоа „зло-време“, како што го нарекува. Се вљубил во скопјанката Љубица.

– Во Скопје тогаш имаше жени колку сакаш. Шетаа секаде. Улица Маршал Тито беше корзо и беше полна жени. Сега корзо нема. На корзо ја запознав Љубица. Се сакавме многу. Љубица беше шнајдерка и домаќинка. Ми роди два сина. Таа се грижеше за домот, јас се грижев да донесам сѐ што треба. Потоа почнаа да се отвораат фабрики, па почнаа и жените да работат. За жената не е важно колку години има, важно е да е домаќинка и да е убава – низ смеа зборува дедото.

На времето многу одел на игранки. Сакал да пее и да танцува.

– За сѐ имав време. Ќе одев на работа, па ќе се вратев, па потоа на игранка. Играв колку што ми душа сака. Ама знам дека ќе одиме пак на игранки – вели дедото.

Љубица и неговите два сина денес се починати. Меѓутоа внуците се оние што го посетуваат и му носат среќа.

– Повторно не би се оженил. Љубовта го одржува човекот, го храни човекот. Ама сѐ во свое време. Најубаво е маж и жена, тие што се сакаат, да остарат заедно – вели Драги.

За себе вели дека минал низ времиња што бргу се менувале, од војна и немаштија, па до развој на технологија.

– Нема да заборавам кога првпат видовме телефон и телевизор, каква возбуда – се сеќава дедото.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Благодарен е што е жив и што имал исполнет живот. Тој бескрајно ја цени секоја секунда во која може да ужива.

– Најсреќен ден во животот ми е денес со вас. Само нека има радост и веселба, слога, почит и љубов – порачува дедо Драги.

Есенското сонце што влегува низ прозорецот благо му го осветлува лицето. Рацете благо му треперат. Насмевката на овој 103-годишен човек му е детска. Меѓутоа очите, очите му се како на мало бебе. Заматени од чистина.