Откако ЕХФ ја прослави својата 30-годишнина во 2021 година, годинава ја одбележи 30-годишнината на ЛШ и на Канцеларијата на ЕХФ и се одигра 30-то ЕП, кога ракометарките излегоа на терените во Црна Гора, Македонија и во Словенија во ноември. „Во 2023 година заедно ќе продолжиме да го движиме ракометот напред“, рече претседателот на ЕХФ, Видерер
ЕХФ
Европската ракометна федерација (ЕХФ) го објави својот годишен деловен извештај, фокусирајќи се на најважните моменти и на успесите на една историска година. Изминатата година имаше голем број значајни настани и незаборавни моменти, па откако ЕХФ ја прослави својата 30-годишнина во 2021 година, годинава ја одбележи 30-годишнината од Лигата на шампионите и на Канцеларијата на ЕХФ и се одигра 30-то Европско првенство, кога ракометарките излегоа на терените во Црна Гора, Македонија и во Словенија во ноември, пишува Европската ракометна федерација на својата интернет-страница.
Извештајот ги разгледува сите главни спортски моменти во 2022 година, вклучувајќи ги европските првенства за мажи и за жени, фајналфор-турнирите во Лигата на шампионите за мажи и за жени, финалиња на Купот на ЕХФ… Исто така, ги разгледува клучните иницијативи почнати и проширени во текот на изминатите 12 месеци, кои вклучуваат многу конференции, како што е инаугуративната женска ракометна конференција на маргините на ЕП за ракометарки, успешната серија вебинари на различни теми како што се здравјето, корпоративната општествена одговорност и ракометот за низа различни заедници, и наградата „Играч на годината“. Концептот „круг на ракометниот живот“, исто така, воведен во 2022 година, е уште еден фокус на извештајот, кој дава целосен преглед на активностите на Европската ракометна федерација.
– Нашите возбудливи настани ќе бидат присутни на сцената на светско или на континентално ниво. Паралелно со ова ќе направиме што треба да се направи за да се зајакне основата на нашиот спорт. Заедно со нашите партнери ќе продолжиме да го носиме најдоброто што може да го понуди ракометот. Ја користам оваа пригода да ја изразам мојата искрена благодарност до мноштвото луѓе што непоколебливо придонесоа за нашиот спорт во 2022 година, а моите завршни зборови се резервирани за националните ракометни федерации во Европа и за секој еден играч: вие сте во срцето на нашата работа и успесите на ЕХФ се ваши успеси. Во име на Извршниот комитет на ЕХФ и од мое име, ви благодарам што стоевте покрај нас во 2022 година и ветувам дека во 2023 година заедно ќе продолжиме да го движиме ракометот напред – рече, меѓу другото, Михаел Видерер, претседател на ЕХФ, во годишниот извештај на ЕХФ.