На првото место на избраните дербија е дуелот меѓу шпанска Барселона и бундеслигашот Кил, кој е и единствен од две различни држави
РАКОМЕТ – СПОРЕД ИЗБОРОТ НА ЕХФ
Европската ракометна федерација (ЕХФ) сподели објава на социјалните мрежи за првите пет клупски топ ривалства во Европа. Меѓу нив е и вечното дерби меѓу двата најдобри македонски клуба, скопски Вардар и битолски Еурофарм Пелистер, кои се најдоа на петтата позиција на таа листа. Овие два клуба и годинава прикажаа извонредно возбудливи натпревари, како во Скопје така и во Битола, и се најсериозните кандидати за освојување на првата позиција, односно шампионската титула во Првата машка ракометна лига на Македонија. И со право, оти тие го прават тоа веќе неколку години. Тоа, секако, е уште еден показател за динамиката, квалитетот и возбудливоста на нивните меѓусебни дуели, кој не остана незабележан од ЕХФ.
На првата позиција на избраните дербија се дуелите помеѓу шпанска Барселона и бундеслигашот Кил, кој е и единствен од две различни држави. На второто место се полските клубови Киелце и Висла Плок. На третата позиција се најдоа унгарските екипи Веспрем и Сегед и на четвртата позиција мечевите меѓу реномираните француски клубови ПСЖ и Монпелје. Г.И.