РАКОМЕТ
- Натпреварите во Куманово се в четврток (16 ч., од затворен тип) и в сабота (16 ч., отворен за публиката). Средбите се подготвителни пред
настапот на Македонија на ЕП 2026, каде што во групната фаза ќе се сретне со Данска, Португалија и со Романија
Селекторот на машката сениорска ракометна репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, денеска во 13.30 часот, во х. „Александар Палас“ во Скопје ќе го има собирот на репрезентативците (20 играчи со седум резерви), во рамките на претстојната неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Предвидено е да се одиграат две пријателски средби со селекцијата на Јапонија, а во рамките на подготовките на црвено-жолтите за претстојното Европско првенство (ЕП), во јануари 2026 година, во Данска, Шведска и во Норвешка. На ЕП 2026, Македонија е во групата Б со европскиот вицепрвак Данска, Португалија и со Романија. Мечевите со Јапонија се во Куманово, в четврток (16 ч., од затворен тип) и в сабота (16 ч., отворен за публиката).
Јапонија досега 16 пати настапила на СП, најдобриот пласман ѝ е 10-то место, во Франција во 1970 година, а на СП 2025 го освои 28-то место. Македонија играла девет СП, најдобар пласман ѝ е деветтото место во 2015 година, а годинава ја освои 15-та позиција. Македонија и Јапонија досега само еднаш играле меѓу себе на СП, и тоа во 2019 година, кога убедливо славеле Македонците со 38-29.
Состав: голмани: Мартин Томовски, Никола Митревски, Иван Галевски. Леви крила: Петар Атанасијевиќ, Иван Џонов. Десни крила: Ненад Костески, Александар Петковски. Леви бекови: Филип Кузмановски, Павле Атанасијевиќ, Емилијан Ѓорговски. Десни бекови: Мартин Серафимов, Мартин Велковски, Филип Николов. Средни бекови: Мартин Ивановски, Игор Ѓоргиев, Дамјан Митев. Пивоти: Жарко Пешевски, Марко Стојковиќ, Валентин Карасманакис. Дефанзивци: Михаил Аларов. Резерви: Филип Талевски, Марко Митев, Томислав Јагуриновски, Никола Костески, Милан Лазаревски и Никола Марковски. Г.И.


































