Фото: Игор Бансколиев

РАКОМЕТ – РАНГ-ЛИСТА НА ЕХФ

На листата има вкупно 50 селекции, рангирани според пласманите на трите претходни големи меѓународни ракометни турнири, и тоа СП 2021, ЕП 2022 и СП 2023, вклучувајќи ги и квалификациските натпревари

Со 448 бода, репрезентацијата на Данска, светскиот шампион од годинава, го предводи новообјавеното рангирање на Европската ракометна федерација (ЕХФ) на машките репрезентации, пред Шведска со 424 и Шпанија со 400 бода, а Македонија е на 18-то место со 94.

Рангирањето го зеде предвид пласманот на селекциите на трите претходни големи меѓународни ракометни турнири, и тоа светските првенства (СП) во 2021 и во 2023 година и Европското првенство (ЕП) во 2022 година, вклучувајќи ги и нивните соодветни квалификациски натпревари, пишува ЕХФ.

Првото место на кое било од трите првенства вреди 160 поени, второто 144, третото 128 поени, а со двојното злато во 2021 и 2023 година и со бронзениот медал во 2022 година, ниту една друга репрезентација не освои повеќе поени од Данска, пишува ЕХФ. Македонија освои по 32 поена за СП 2021 и за ЕП 2022, како и 30 за СП 2023.
Рангирањето служи како основа за распределба на репрезентациите на различни делови од европскиот квалификациски пат до Светското првенство во 2025 година во Хрватска, Данска и во Норвешка, чија ждрепка за првата фаза е најавена за денеска.

На листата има вкупно 50 репрезентации. Следното рангирање ќе биде објавено по Европското првенство во 2024 година во Германија. Тоа рангирање потоа ќе биде основа за ждрепката за квалификациите за континенталното првенство во 2026 година.