Фото: Макфакс

Членови на Независниот синдикат за судска служба на Македонија повторно излегоа на штрајк бидејќи повеќе месеци не добиле додатоци од 35 отсто на платата.

Тие им порачаа на функционерите „Европски плати за вас, а за нас нема додатоци ни 25 отсто“. Протестот започна со песната „Бела чао”, која се користи како химна на слободата и отпорот.

„За вас сте мајка, за нас маќеа”, им порачаа судските работници на надлежните.

Членовите на овој синдикат ги исвиркаа надлежните од кои очекуваат да им ги исплатат додатоците.

„Процентот не се качува на сите подеднакво”, порачаа тие.

Целта на судските работници е да добијат, како што велт, европски плати.

Горан Ристевски од независниот синдикат администрација вели дека револтот кај вработените е голем особено по одлуката на Уставниот суд со која платите на избраните и именуваните лица се зголемени за 78 проценти, а судските работници повеќе месеци не добиле додатоци од 35 отсто на платата.

– Незадоволство не е само во судството туку и кај вработените во царина, затворскиот систем. и тн. Ќе направиме протести и за другите служби, овој период комуницираме со претседателот на судски совет каде му ги кажавме потребите за брзо регулирање на додатоците на плата, но немаме слух таму и повторно организираме протест. Нашите барања се адекватно зголемување на плата, иако имаме покачување кај дел од вработените во Министерството за финиансии од 30 отсто – вели тој.

Јасмина Величкова претседател на независниот синдикат на судската служба вели дека во моментов протестираат од сите судови како тука во Скопје така и низ цела Македонија.

– Се нема слух за нашите барања, нема ни 25 проценти додаток на нашите плати, ни ветија дека ќе има додатоци, но само за нив си ги зголемија платите. Нас ни зголемија само 5 проценти и тоа е понижувачки. 25 проценти за вработените во Судски совет, за нас само 5, ние сме на маргините, се работат и по две смени за да се прехранат семејствата, ваков судски совет не знам дали и треба да постои. Од наши средства се двои за плати на функционерите – додаде Величкова.

Целта на судските работници е да добијат, како што велат, европски плати.


Управата на Кривичниот суд: Барањата на синдикатите се оправдани и неопходни, тие се клучна алка во синџирот на судската власт

Во однос на денешниот протест на Синдикатите на судската служба Основниот кривичен суд Скопје информира дека, Управата на судот во целост ги подржува заложбите и напорите на Синдикатите на судската служба во остварување на нивните права.

– Управата на судот во целост ги подржува заложбите и напорите на Синдикатите на судската служба во остварување на нивните права. Судските службеници се клучна алка во синџирот на Судската власт и имаат движечка улога во остварување на правата на граѓаните пред судските постапки. Заради тоа сметаме дека нивните барања се оправдани и неопходни за понатамошно функционирање и развивање на правосудниот сектор – велат од таму.

Информираат дека за време на протестот целосно ќе се почитуваат обврските на судот и нема да има одлагање на итните и притворските предмети, а сите шалтери ќе работат со дежурни службеници се со цел да им се излезе во пресрет на странките во постапките.