Грчката телевизија првобитната кратенка за Македонија – MКД на телевизискиот кајрон не само што по дваесетина минути ја замени со ФИР, туку во новоуфрлениот акроним ја немаше ниту буквата М како почетна буква од името на нашата држава Македонија. Тоа предизвика бура од реакции на социјалните мрежи во Македонија. Брзата политичка интервенција „одозгора“ до уредничкиот тим на грчката телевизија уште еднаш покажа дека политиката длабоко замешала прсти во спортот што и не е првпат кога станува збор за спортски настани со нашиот јужен сосед

Последните случувања по ракометниот натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и на Грција во Кожани, се само уште еден доказ за тоа колку е пропустлива линијата помеѓу политиката и спортот, иако начелно станува збор за две различни области на дејствување и сфери на интерес.
Но очигледно е дека тие две работи, сѐ уште не можат да бидат целосно изолирани и одвоени или, пак, токму суровата политика сака да менаџира со спортот, односно спортот да го зачинува со висока политика. Тука свој удел, секако, имаа различни чинители и од грчка и од македонска страна, со што уште еднаш се фрли темна дамка на еден спортски настан. Имено во текот на овој дуел, грчката телевизија првобитната кратенка за Македонија – MКД на телевизискиот кајрон, по дваесетина минути го замени со ФИР, односно во него ја немаше ниту буквата М од името на нашата држава што, пак, предизвика бура од реакции на социјалните мрежи во Македонија.

Доколку МКД го заменеа со ФИР – Македонија како референца под која сме примени и членуваме во Европската ракометна федерација, можеби донекаде и за некого ќе беше разбирливо, но Грците целосно го исфрлија зборот Македонија и на кајронот остана само ФИР. Со ова грчката телевизија практично го извалка и го исполитизира спортскиот настан. Реакциите потоа продолжија и кај нас во друга насока.
Најжесток беше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, кој на својот фејсбук-профил објави видеоматеријал од пречекот на ракометарите на плоштадот „Mакедонија“ по ЕП во 2012, а под него следуваше неговиот коментар.
– Тогаш Македонија беше држава. Имаше ракометари, кои оставаа срце на теренот. Народот се радуваше, а денес ги имаме СДСМ и Заев – напиша Ѓорчев.
Ова очигледно беше уште една во низата политички пораки за спортски настан, кој по дефиниција треба да значи дека работите треба да одат во друга насока на меѓусебно почитување и толеранција.

Но дали со овој акт, грчката телевизија намерно го исполитизира овој спортски настан, кој требаше да помине онака како што му прилега на еден меѓудржавен меч – во фер и спортска битка на теренот.

Понатаму на социјалните мрежи се појавија и шеговити коментари дека можеби во договорот од Преспа, стои и некаква непозната дополнителна клаузула, која предвидува дека во иднина Македонија треба да ги губи сите спортски натпревари од Грција?! Ова веројатно беше поттикнато и од премисата што Македонија важеше за апсолутен фаворит против Грција, но на крајот сепак го загуби овој важен меч.
Што велат упатените во ракометот за последните случувања.

– Нема никакви политичко мешање ниту, ниту пак, некаква провокација од страна на Грција со самото менување на кратенката МКД во ФИР. Едноставно сметам дека е тоа само технички пропуст на грчката телевизија и ништо повеќе. Токму со грчкото министерство за култура и спорт имаме договорено билатерална средба кон средината на идниот месец во Скопје, на која се очекува да донесеме и повеќе конкретни одлуки за соработка и развој – коментира директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Дарко Каевски, по последните случувања на ракометниот натпревар во Кожани.

Социјалните мрежи, пак, се полни со жестоки реакции. Имаше реакција поради изоставениот напис Македонија на дресовите, потоа дека реализаторот на преносот кратенката МКД ја смени со некоја непозната кратенка ФИР по 20 минути игра, па дури и тврдења дека „според договорот (од Преспа) кратенката е МКД!“
Сепак ова не е првпат Грција да направи огромен притисок не само во домашната јавност и на европските (па и спортски) институции, туку во секоја смисла да исполитизира некој спортски настан.

Таква очигледна провокација беше видена и во Скопје минатата година. Имено на женското кадетско ЕП (дивизија Б), грчката репрезентација иако го почна натпреварот против Македонија, сепак по неколку изминати минути, а по повик од нивниот селектор, одеднаш го напушти теренот (а потоа и ЕП), во знак на протест, затоа што на дресовите на македонската репрезентација пишувало Македонија!

Се разбира тоа не остана незабележано од Европската ракометна федерација (ЕХФ), која не ѝ прости за ваквата глупост на Грција и ја казни со 25.000 евра, а наедно им додели службена победа на македонските ракометарки. По оваа одлука од ЕХФ следуваше и официјална жалба од страна на Грција, која ЕХФ очекувано ја одби и не им прости за тоа што во спортот внесуваат и политика. Оваа одлука е само патоказ како треба да се реагира кога некој сака политиката и спортот да ги изедначи. И тоа во најсуровата и најерозивната форма. Колепката на највисокиот облик на спортското натпреварување (олимпизмот и Грција) може длабоко да се кае бидејќи токму таа во целост го фрла спортот на колена генерирајќи некои други принципи и реакции од другата страна, кои се многу далеку и од ферплеј и од спортот воопшто.