Фото: Игор Бансколиев

На списокот најмногу играчи фигурираат од МЗТ Скопје, има и шестмина што настапуваат во странство (Магдевски, Димитријевиќ, Симиќ, Вајли, Савиќевиќ и Јакимовски), а по санираната повреда се враќа и Војдан Стојановски

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023

Селекторот на македонската репрезентација, Драган Бајиќ, го објави поширокиот список со 24 кошаркари за претстојните два квалификациски дуела со Грузија во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година во Индонезија, Јапонија и во Филипини. Првиот дуел се игра во Тбилиси на 24 февруари, а вториот три дена подоцна во Скопје. На списокот најмногу играчи фигурираат од МЗТ Скопје, а има и шестмина интернационалци. Во репрезентацијата, по санираната повреда, се враќа и Војдан Стојановски. Собирот на репрезентативците е еден ден по завршувањето на домашниот Куп, в понеделник, а веќе следниот ден репрезентацијата патува за Тбилиси.
Во квалификациите за СП 2023, Македонија игра во групата Г заедно со Шпанија, Грузија и со Украина. Грузија одигра два дуела досега, ја победи Украина дома со 88-83, а загуби на гостувањето кај Шпанија со 61-89. Македонија двапати загуби, дома од Шпанија со 65-94 и на гости од Украина со 61-78. По две кола во групата Г, Шпанија има четири бода, Грузија и Украина по три, а Македонија два бода. Во втората фаза на квалификациите ќе се пласираат првите три селекции од секоја од осумте групи.
Состав: Бојан Крстeвски, Кристијан Николов, Дамјан Робев, Адем Мекиќ, Дамјан Стојановски, Војдан Стојановски (МЗТ Скопје), Андреј Андоноски, Виктор Исајлоски, Дарио Митевски, Максим Митевски (МЗТ Скопје Уни Банка), Бобан Стајиќ, Стојан Ѓуроски (Пелистер), Павел Данаиловски, Валмир Какруки (Работнички), Андреј Митревски, Амар Хот (Феникс 2010), Виктор Ефремовски (Гостивар), Андреј Маслинко (ТФТ), Андреј Магдевски (Плоешти, Романија), Ненад Димитријевиќ (Валенсија, Шпанија), Теодор Симиќ (Барселона, Шпанија), Џејкоб Вајли (Реал Бетис, Шпанија), Лука Савиќевиќ (Источен Мичиген, САД), Андреј Јакимовски (Вашингтон стејт, САД).