Фото: Игор Бансколиев

Мичел со 71 поен во победата на Кливленд над Чикаго стана седмиот кошаркар во НБА-лигата што постигнал барем 70 поени на еден натпревар. Само Чембрлен постигнал 100 поена на еден меч и само тој повеќе од еднаш (вкупно шест пати) ја поминал границата од 70 поени

КОШАРКА – НБА-ЛИГА

Кошаркарот на Кливленд кавалирс, Донован Мичел одигра феноменален натпревар во триумфот над Чикаго булс, со 145-134, во натпревар од Источната конференција на кошаркарската НБА-лига, постигнувајќи неверојатни 71 поен, а притоа додаде 11 асистенции и осум скока.
Мичел имаше ефект од 22 погодени од 34 упатени шута од поле, 7/15 за шут од линијата за три поени, а од слободните фрлања имаше ефект 20/25. Со овој поентерски ефект, Мичел стана само седмиот кошаркар во историјата на НБА-лигата што постигнал барем 70 поени на еден натпревар и прв по Девин Букер во 2017 година. Вкупниот број поени на Мичел означи и најмногу поени на натпревар од кој било играч по 81-от поен на Коби Брајант во јануари 2006 година.
Победата на Кливленд беше остварена во продолжението (по четири четвртини мечот заврши со резултат 130-130), а Мичел беше тој што од 15 коша на својот тим постигна дури 13 за триумф.
Претходно Кливленд заостануваше два поена, Мичел го промаши второто слободно фрлање на неколку секунди пред крајот на средбата, но потоа успеа да ја фати одбиената топка и со поени со шут од поле да обезбеди продолжение за својата екипа на тој натпревар.
Мичел, кој ја игра својата прва сезона во Кливленд, откако беше заменет од Јута за време на вонсезоната, постави нов рекорд на поени за Кливленд кавалирс, соборувајќи ја границата што претходно ја држеа Леброн Џејмс и Кајри Ирвинг (со по 57 поени).
Досега во НБА-лигата седум кошаркари постигнале барем 70 поена на еден меч, на 12 натпревари. Рекордер на оваа листа е Вилт Чембрлен, со постигнати 100 поени на меч одигран пред 60 години, а тој е и рекордер со шест натпревари на кој постигнал 70 или повеќе поени (двапати 73, а по еднаш 70, 72, 78 и 100 поена).
Другите кошаркари со ваков поентерски ефект се Брајант со 81 поен (во 2006 година), Дејвид Томпсон со 73 (1978-та), Дејвид Робинсон (1994-та), Елгин Бејлор (1960-та) и Мичел (годинава) со по 71 и Букер (2017-та) со 70 поени.
Кај поразениот тим, Никола Вучевиќ беше најефикасен со 20 поени, а тој оствари и 13 скока. Кливленд моментно е четврти во Источната конференција, со 24 победи и 14 порази (води Бостон со 26-11), а Чикаго е на 12-то место со резултат 16-21. Г.И.


НАЈМНОГУ ПОЕНИ НА ЕДЕН МЕЧ ВО НБА-ЛИГАТА

КОШАРКАР ДАТУМ ПОЕНИ
Вилт Чембрлен 2 март 1962 100
Коби Брајант 22 јануари 2006 81
Вилт Чембрлен 8 декември 1961 78
Дејвид Томпсон 9 април 1978 73
Вилт Чембрлен 16 ноември 1962 73
Вилт Чембрлен 13 јануари 1962 73
Вилт Чембрлен 3 ноември 1962 72
Дејвид Робинсон 24 април 1994 71
Елгин Бејлор 15 ноември 1960 71
Донован Мичел 2 јануари 2023 71
Девин Букер 24 март 2017 70
Вилт Чембрлен 10 март 1963 70

Извор: НБА