Фото: Игор Бансколиев

Македонија во август ќе игра со Чешка, Естонија и со Израел во групата А во Талин, а најдобрите од таа група и од групата Б (во неа се Полска, Португалија, Унгарија и БиХ) ќе се пласираат на финалниот претквалификациски турнир во Гливице. Вкупниот победник ќе игра на квалификацискиот турнир в година

КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ПЛАСМАН НА ЛОИ 2024

Македонската кошаркарска репрезентација ќе игра со Чешка, Естонија и со Израел во групата А во Талин (Естонија) во претквалификациите за пласман во квалификациите за играње на Летните олимписки игри (ЛОИ) в година во Париз. Мечевите се предвидени да се играат од 12 до 20 август годинава.
– Можевме да поминеме и подобро во ждрепката. Добивме силни, квалитетни противници. Еден од нив е домаќинот на турнирот, Естонија. Но уште поголем квалитет се и Чешка и Израел, постојани учесници на Евробаскетот. Наша цел на турнирот ќе биде да направиме добра подготовка за она што нѐ чека во квалификациите за Европското првенство. Да се уиграме уште подобро за новиот циклус во кој се бара место на Евробаскетот – вели Бојан Крстевски, крило на македонската репрезентација, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија.
Чешка на светските првенства (СП) дебитира во 2019 година и го освои шестото место, а на европските првенства (ЕП) има шест настапи, четири во низа, со најдобар пласман на седмото место во 2015 година. Чешка на ЛОИ дебитира во 2021 година, во Токио, и го освои деветтото место. Израел има 30 настапи на ЕП (14 во низа, најдобар пласман второ место во 1979 година), на СП играл двапати (најдобар пласман во 1986 година, седмо место) и на ЛОИ еднаш (1952 година). Естонија не учествувала на СП и на ЛОИ, а на ЕП има шест настапи, со најдобар пласман петто место во 1937 и 1939 година.
Во групата Б, во Гливице (Полска), ќе играат Полска, Португалија, Унгарија и БиХ, а најдобрите од групите А и Б потоа ќе се сретнат во финалниот дел во Гливице. Вкупниот победник ќе се пласира на олимпискиот квалификациски турнир во јули в година.
Во групата Ц се Турција, Украина, Бугарија и Исланд, во групата Д ќе играат Холандија, Хрватска, Белгија и Шведска, а овие две групи и нивниот финален дел ќе се играат во Истанбул (Турција), од каде што вкупниот победник ќе игра на квалификацискиот турнир.
Претквалификации за ЛОИ 2024 ќе се играат и во Африка (турнир во Нигерија), Азија (домаќинот ќе биде одреден подоцна) и во Северна и Јужна Америка (турнир во Аргентина), а трите победника ќе продолжат со олимписките квалификации.
На ЛОИ ќе настапат 12 репрезентации, а досега пласман обезбеди само домаќинот Франција. Од годинашното Светско првенство (СП) на ЛОИ ќе се пласираат седум селекции, и тоа по две најдобри од Европа и од Северна и Јужна Америка и по една од Азија, Африка и од Океанија. Преостанатите четири учесници на ЛОИ ќе бидат четирите победници на квалификациите во јули в година. На тие квалификации ќе настапат 24 репрезентации (петте победници на континенталните претквалификации и 19 селекции според ефектот на СП 2023) поделени во четири групи.
Македонија вторпат ќе игра за пласман на ЛОИ, откако со четвртото место на Европското првенство (ЕП) во 2011 година обезбеди настап во 2012 година на квалификацискиот турнир во Венецуела, за пласман на ЛОИ 2012 во Лондон.
По настапот во претквалификациите за ЛОИ 2024, македонската репрезентација во ноември ја очекуваат првите мечеви од квалификациите за играње на Европското првенство во 2025 година. Н.М.


ЕВРОПСКИ ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЛОИ 2024

Група А
Македонија
Чешка
Естонија
Израел
Група Б
Полска
Португалија
Унгарија
БиХ