Гледаме динамична и возбудлива кошарка, но што точно преовладува тешко е да се каже, оти секоја репрезентација ја менува тактиката на игра според следниот противник со кој ќе игра. Во секој случај, на секој меч му се посветува многу внимание. Досегашниот пласман, генерално, излезе како и што се очекуваше, ни изјави селекторот на машката македонска репрезентација, Александар Јончевски, за досегашниот тек на ЕП

КОШАРКА

Германија – Црна Гора, Шпанија – Литванија, Словенија – Белгија и Турција – Франција се четирите познати осминафинални двојки на 41. Европско првенство (ЕП) во кошарка за мажи, кое се игра во Тбилиси (Грузија), Келн (Германија), Милано (Италија) и во Прага (Чешка), а чии мечеви ќе се играат утре. Преостанатите четири двојки (сите осминафинални мечеви ќе се играат во Берлин) ќе бидат познати по комплетирањето на последното, петто коло во групите Ц и Д (сигурна на првото место во групата беше само репрезентацијата на Грција, која в недела ќе игра со четвртопласираната селекција од групата Д).
– Одамна немало ваков тип на ЕП, можеби едно од најквалитетните досега, и јас едноставно уживам во него. Не само по квалитетот на самите натпревари и репрезентации туку и од играчите што се присутни, нивниот ангажман и посветеност на сите натпревари да се победи, без разлика дали веќе се пласирале во осминафиналето или не, како и присуството на многу квалитетни селектори. Гледаме динамична и возбудлива кошарка, но што точно преовладува тешко е да се каже, оти секоја репрезентација ја менува тактиката на игра според следниот противник со кој ќе игра. Во секој случај, на секој меч му се посветува многу внимание. Досегашниот пласман, генерално, излезе како и што се очекуваше, но разочаран сум од Франција, да има два пораза во групата, со оглед на нивните имиња, кои дејствуваа како да се презаситени, како и од Грузија, која како домаќин не успеа да оди во осминафиналето.

Позитивно би ги издвоил Црногорците, со кои и ние неодамна игравме пријателски меч. Го поминаа првиот круг, а успеаја да го победат и домаќинот Грузија во директниот дуел. Иако не се пласира понатаму, пријатно изненади и БиХ, која со својата игра даде една свежина во најсилната група. Според мене, нов европски првак ќе биде Србија или Грција, кои и најмногу прикажаа досега. Поединечно има повеќе играчи, но би ги издвоил Никола Јокиќ и Јанис Адетокумпо, кои се незапирливи и се чини можат да постигнат кош кога сакаат, иако не треба да се заборави ниту Лука Дончиќ, со неговиот последен индивидуален рекорд на ЕП. Што се однесува до судењето, грешки имало и порано, но со технологијата тоа ние не сме го забележувале толку многу, така што не им е лесно ниту на судиите. И во ЛШ и во НБА имало големи судиски грешки. Затоа не би сакал да ставам акцент какво е судењето сега, но пропусти од типот заборавени 20 секунди, потоа едно слободно фрлање на пример, не се само пропусти на судиите туку и на записничката маса, каде што седат цела група униформирани лица што треба да внимаваат и а укажуваат на тоа – ни изјави селекторот на машката македонска репрезентација, Александар Јончевски, за досегашниот тек на Европското првенство.

На ЕП 2022, од групата А, прва е репрезентацијата на Турција, со девет бода. Во групата Б, прва е селекцијата на Словенија, поради победата во директниот дуел со Германија (88-80) иако и двете селекции имаат по четири победи. Во групите А и Б ниту една селекција не постигна максимални пет победи, а Унгарија не забележа ниту една победа.
Според статистичките податоци, репрезентацијата на Шпанија во групата А постигна најмногу поени (431), прими најмалку (368) и има најдобра кош-разлика (плус 63). Во групата Б, најпрецизна (464 коша) е селекцијата на Словенија, Франција прими најмалку поени (379), а најдобра кош-разлика (плус 52) има Германија. Г.И.


Дончиќ со 47 поена влезе во историјата

Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ на мечот со Франција на Европското првенство (ЕП) постигна 47 поени и стана втор најефикасен кошаркар во историја на европските првенства, а најдобар во 21 век. Пред него е само Белгиецот Еди Терас, кој на ЕП во 1957 година, кога немаше „тројки“, постигна 63 коша. Во 21 век, пак, Дончиќ е најдобар и го надмина водечкиот, Германецот Дирк Новицки, кој во 2001 постигна 43 поени. Гркот Никос Галис, пак, постигна 46 коша во 1983 година.