За жал, и овој пат нема да бидеме во најсилен состав. Наша главна цел во овие квалификации беше да добиеме барем некој од натпреварите со оглед на квалитетот на противничките, но секогаш ни недостигаше понекоја од клучните седум кошаркарки. Реално, ќе се обидеме да одиграме добро против БиХ и зошто да не ги изненадиме. И кај нив ќе ја нема нивната квалитетна Американка Џонкел Џонс. Што се однесува до Белгија, многу добро знаеме за каква силна репрезентација станува збор. Верувам во македонските кошаркарки и тие се желни да играат подобро и да победуваат, посакуваат да им се врати тоа што со години го вложуваат на теренот, вели селекторот Александар Ашаданов

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2023

Македонската женска кошаркарска репрезентација в четврток со БиХ во Сараево (20 ч.) и на 12 февруари во СРЦ „Кале“ (18 ч.) во Скопје со Белгија ќе ги одигра последните два натпревара од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) годинава во Словенија и во Израел (15-25 јуни).
– Репрезентативните подготовки ќе ги почнеме в недела, кога е закажан и првиот тренинг, но кој ќе биде некомплетен. За жал, и овој пат нема да бидеме во комплетен и најсилен состав. Американката Мерит Хемпе, која игра во Турција, доби повреда на грбот и ќе биде надвор од теренот четири недели. Матеа Николиќ има истегнат лигамент, така што и таа нема да допатува на овие подготовки. Се чека уште да видиме дали Илина Селцова ќе дојде, оти и таа има проблем со коленото, па ќе мора да оди на проверка да види за што точно станува збор. Сегашниот список од 17 кошаркарки, конечно ќе биде скратен и објавен в понеделник, со тоа што ако и Селцова не биде способна да игра, тогаш за БиХ ќе патуваат 14 кошаркарки – вели селекторот Александар Ашаданов.
Македонките ги загубија шансите за пласман за ЕП, на кое од секоја од 10-те квалификациски групи ќе се пласираат само првата и четирите најдобри второпласирани селекции.
– Наша главна цел во овие квалификации беше да добиеме барем некој од натпреварите со оглед на квалитетот на противничките, но секогаш кога требаше да настапиме ни недостигаше понекоја од клучните седум кошаркарки. Минатиот пат тоа беше Анџелика Митрашиновиќ. Реално, ќе се обидеме да одиграме добро против БиХ и зошто да не ги изненадиме. И кај нив ќе ја нема нивната квалитетна Американка Џонкел Џонс, туку ќе ја замени друга Американка, Кортни Харт, но таа не е толку добра како Џонс. Што се однесува до Белгија, многу добро знаеме за каква силна репрезентација станува збор. Сепак, наш хендикеп е што ние не се собираме преку летото почесто и заеднички да тренираме, како што го прават тоа БиХ и Белгија, кои тренираат вкупно и по 45 дена. Тие играа на ЕП и на СП, имаат поголемо искуство и многу подобро меѓусебно се познаваат на теренот. Верувам во македонските кошаркарки и тие се желни да играат подобро и да победуваат, односно посакуваат да им се врати тоа што со години го вложуваат на теренот – вели Ашаданов. Г.И.