Македонската фудбалска репрезентација вечерва загуби од Украина со 2-3 на арената „Тодор Проески“ во Скопје, и покрај водството од 2-0 до 62-та минута во мечот од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година во Германија. Македонија и Украина имаат по една победа и пораз во досегашните дуели одиграни во рамки на квалификациската група Ц.
Енис Барди од пенал во 31. минута и Елиф Елмас со извонреден удар од далечина осум минути подоцна ѝ донесоа водство на Македонија, додека противникот направи пресврт со погодоците на Илја Забарни во 62., Јухим Конопја во 68. и на Виктор Циганков во 83. минута. Македонскиот дефанзивец Висар Муслиу беше исклучен поради втор жолт картон во 73. минута.
Македонија в понеделник гостува кај Англија, која има максимален ефект од девет бода откако вечерва ја победи Малта со 4-0, а Украина ќе игра со Малта.
Во групата Ц е и репрезентацијата на Италија, која во овој термин не игра квалификациски натпревари, туку настапува на фајналфор-турнирот на третото издание на Лигата на нациите, каде што синоќа беше поразена од Шпанија со 1-2 во полуфиналето.
На Европското првенство в година во Германија ќе се пласираат првите две репрезентации од секоја од десетте квалификациски групи.