Фото: ЕПА

Со освојување на трофеите во Лигата на шампионите, Премиер-лигата и во ФА-купот, Манчестер сити може да инкасира околу 330 милиони евра!

ФУДБАЛ

Англискиот премиерлигаш Манчестер сити би можел да заработи околу 330 милиони евра доколку ги освои Лигата на шампионите, Премиер-лигата и ФА-купот. Британските медиуми пренесуваат дека Манчестер сити е фаворит за освојување на тројната круна, што би му донело огромен профит на тимот предводен од тренерот Пеп Гвардиола.
Како што е познато, Манчестер сити одиграа нерешено 1-1 со Реал Мадрид на гостински терен, во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите, а реваншот се игра в среда во Манчестер. Се зборува дека освојувањето на пехарот во елитното натпреварување, на Манчестер сити би му донело околу 135 милиони евра.
Халанд и неговите соиграчи моментно се и први на табелата во Премиер-лигата со 82 бода и имаат огромни шанси да останат таму и по завршувањето на шампионатот, иако Арсенал, кој е втор, се надева дека Манчестер сити, сепак може да киксира. Негови ривали до крајот се Евертон, Челзи, Брајтон и Брентфорд. Со петтата титула во последните шест сезони, во неговата клупска каса би пристигнале 190 милиони евра.
Во финалето на ФА-купот ќе играат градските ривали Манчестер јунајтед и Манчестер сити. Трофејот во ФА-купот вреди дополнителни 4,5 милиони евра.
Британските медиуми исто така потсетуваат дека Манчестер сити ќе има можност да ја зголеми заработката доколку ја освои Лигата на шампионите. Во тој случај ќе има можност да игра и на Светското клупско првенство, каде што, пак, паричната награда за победникот изнесува околу 58 милиони евра. Г.И.