ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ОСМИНАФИНАЛЕ

Преостанатите четири први осминафинални натпревари во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал треба да се одиграат утре и задутре. Јувентус, кој се среќава со Вилјареал, ги загуби претходните две средби во оваа фаза, од Лион во сезоната 2019/2020 и од Порто лани, поради правилото за предност на тимот со повеќе постигнати голови на гости при вкупен нерешен резултат по два меча, што сега е укинато. Вилјареал и Јувентус се единствените противници во осминафиналето што досега не се сретнале меѓу себе. „Жолтата подморница“ до оваа рунда стигна само двапати, за разлика од „старата дама“, која осма сезона по ред или вкупно 18-ти пат е во нокаут-фазата.
Бранителот на титулата, Челси, кој игра со Лил, тешко прима голови, само четири на шесте меча во групата (13-4), а на четири средби мрежата на Едуард Менди не беше затресена. Лил, првакот на Франција, во оваа конкуренција последен пат играше во сезоната 2006/2007.
Ефектот на Атлетико на мечевите во Мадрид во нокаут-фазата е извонреден. Од 1997 година на 14-те натпревари забележа девет победи, без ниту еден пораз. Овој пат најголемата опасност за нив на стадионот „Метрополитано“ ќе биде Кристијано Роналдо, кој во кариерата постигна 25 гола на мечеви со Атлетико, меѓу кои и во финалињата во 2014 и во 2016 година. Важен за Јунајтед е и голманот Давид де Хеа, кој е во одлична форма сезонава и кој првпат ќе се соочи со својата поранешна екипа.
Дуелот Бенфика – Ајакс е еден од двата, покрај Интер – Ливерпул, помеѓу поранешни европски прваци. Ајакс забележа шест победи во групната фаза благодарение на течниот, флуиден стил на игра заснован врз голем посед на топката. Себастиен Алер (Ајакс) е првиот играч што постигнал 10 гола на првите шест натпревари во ЛШ и вториот, по Кристијано Роналдо, што постигнал гол на сите шест натпревари во групата.


ОСМИНАФИНАЛЕ

Челси – Лил утре, 21 ч.
Вилјареал – Јувентус утре, 21 ч.
Атлетико – Манчестер Ј. среда, 21 ч.
Бенфика – Ајакс среда, 21 ч.
ПСЖ – Реал Мадрид 1-0
Спортинг – Манчестер С. 0-5
Интер – Ливерпул 0-2
Салцбург – Баерн 1-1