АНГЛИЈА
Група поранешни фудбалери и рагбисти, кои преземаат правни дејства тврдејќи дека претрпеле повреди на мозокот играјќи ги нивните соодветни спортови, се зголеми на 378, објави „Би-би-си“. Новите баратели вклучуваат 100 поранешни играчи во рагби-лигата, 40 поранешни играчи на рагби-сојузот и 14 поранешни фудбалери. Повеќе од 200 поранешни рагби-играчи почнаа акција минатата година, а правните експерти рекоа дека побарувањата може да надминат 300 милиони фунти. Поранешното крило на рагби-сојузот, Дафид Џејмс (47), вели за „Би-би-си“ дека тој е еден од поранешните играчи на кои им била дијагностицирана рано деменција. Групата тврди дека управните тела на спортовите биле невнимателни кога не презеле разумни дејства за да ги заштитат играчите од трајни повреди предизвикани од повторливи потресни и суппотресни удари, пишува „Би-би-си“.
– Тоа е проблем што не исчезнува. Има работи што би можеле да се направат утре, што би го направиле натпреварувањето побезбедно, но тоа не се прави. Не се само промените во играта, туку работите што се случуваат во текот на неделата, 90 отсто од мојата повреда е предизвикана на тренинзи и тоа треба да се разгледа – вели поранешниот рагбист од Велс, Аликс Попам.
Студијата за намалување на ризикот од деменција кај поранешните фудбалери, финансирана од Фудбалската асоцијација и од Светската фудбалска федерација, беше лансирана лани, пишува „Би-би-си“. Во март, Премиер-лигата соопшти дека е „разочарана“ што барањето за привремени замени при можен потрес на мозокот беше одбиено од телото за одредување правила во фудбалот, Меѓународниот одбор на фудбалска асоцијација (ИФАБ).
– Денес играта има многу пари и тие пари ги има за играчите, поради нас и момците што играа 40 години пред нас и 40 години пред нив. Користете го истражувањето и искористете го тоа за своја корист за да ја подобрите и да ја направите играта побезбедна. Ако ги погледнете повеќето професии, и некој ја удрил главата и му ја зашиле раната со 11 конци, би го испратиле дома, би го однеле во болница. Не би го вратиле назад на теренот. Значи, доаѓа момент кога можеби има проблем со тоа, и тоа е нешто, секој мора да го погледне ова и да го разгледа правилно – вели Колин Гибсон, европски фудбалски првак со Астон вила во 1982 година. Н.М.