Фото: Архива

ИФАБ во ноември се согласи да се тестираат привремените казни за фудбалерите на професионално ниво, како дел од борбата против неспортското однесување и некои прекршоци

ФУДБАЛ

Најавено е дека ќе почнат разговори за употреба на привремени казни во англиската фудбалска Премиер-лига, пишува британскиот дневен весник „Телеграф“. Хауард Веб, шефот на англиската професионална фудбалска судиска организација, изјави дека основаноста на револуционерната мерка треба да се дискутира откако ќе биде одобрена за испитувања во рамките на елитното ниво на фудбалот.
Законодавецот во фудбалот, Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ), во ноември се согласи да се тестираат привремените казни за фудбалерите на професионално ниво како дел од борбата против неспортското однесување и некои прекршоци.
Испитувањата би можеле да почнат веќе следната сезона, со изготвување протокол за прецизно да се утврди како ќе функционира мерката во стилот на рагбито, пишува „Телеграф“.
– Создадовме нешто што се нарекува Советодавна група за подобрување на играта на ниво на Премиер-лигата, во која има претставници на клубовите. Редовно се среќаваме за да разговараме за тоа кои иницијативи би можеле да бидат погодни за разгледување за спроведување во Премиер-лигата. А привремената казна е една од оние работи за кои ќе се зборува, заедно со неколку други работи. И ќе се направи процена на тој форум и во други области со кои ќе се консултираме за да одлучиме дали тоа е нешто што може да биде корисно. Како судија, како водач на судиската група, тука сме да ја слушаме играта. Ние, навистина, не сме тука за да поставиме одредена насока. Но ние сме тука да слушаме, да се консултираме и да дискутираме и, ако Премиер-лигата одлучи дека сака да оди во одредена насока, тогаш, се разбира, ќе работиме со нив за да ја спроведеме имплементацијата – рече Веб.
Привремените казни се користат надвор од професионалната игра веќе неколку години и Меѓународниот фудбалски борд мора да одлучи како тие ќе се користат понатаму, пишува „Телеграф“.
Одлуката ќе се однесува и на тоа дали мерката ќе се преслика како во младинскиот фудбал, кога фудбалерите се отстранети од теренот на 10 минути откако ќе им биде покажан жолт картон, или ќе се воведе нов портокалов картон во фудбалот.
Исто така, ќе се разгледува и прецизното одлучување кои прекршоци се опфатени со привремената казна, во желбата да се намали бројот на прекршоците што спречуваат ветувачки напад, но не го исполнуваат прагот за покажување црвен картон. Н.М.