Фото: Игор Бансколиев

Откако судијата ќе го разгледа спорниот момент и ќе донесе одлука, преку микрофон ќе им ја соопшти на гледачите на стадионот и пред ТВ-екраните. ФИФА успешно ја имплементира оваа форма на комуникација на клупското СП и на СП за фудбалери до 20 години. На Мундијалот за фудбалерки ќе се применува и полуавтоматската технологија за одредување офсајд, а судиите ќе му придаваат поголемо значење на пресметувањето на додаденото време

Светската фудбалска федерација (ФИФА) објави дека судиите биле подложени на интензивни подготовки во пресрет на Светското првенство за фудбалерки, кое почнува идната недела и првпат ќе се игра во две земји, во Австралија и во Нов Зеланд, како и тоа дека технологијата останува клучен сојузник, а ќе се воведе и комуникација на стадионот помеѓу официјалните лица на натпреварот.
– Нашата цел на Светското првенство е да понудиме највисок стандард на судење за ова натпреварување. Не грешам што велам дека ова е најважното натпреварување на ФИФА во 2023 година, па затоа ова мора да биде нашата цел. Ќе направиме сѐ што можеме за да го постигнеме тоа. Најважно е дека судиите се многу добро подготвени. Работевме многу напорно за да се осигуриме дека тие се подготвени за почетокот на натпреварувањето и ќе продолжиме да го правиме тоа – рече претседателот на Комитетот за судии на ФИФА, Пјерлуиџи Колина.

Ангажирани се и судиски тренери за да ги надгледуваат официјалните лица на натпреварот, да ги оценуваат перформансите и да даваат редовни повратни информации. Во текот на проектот, судиите тренираа и со фитнес-тренерите на Светската фудбалска федерација, објави ФИФА.

На Мундијалот ќе се применува системот видеопомошник-судија (ВАР), кој беше во употреба и за претходниот шампионат, во 2019 година во Франција. Сега, откако судијата ќе го разгледа спорниот момент и ќе донесе одлука, преку микрофон ќе им ја соопшти на гледачите на стадионот и пред ТВ-екраните. ФИФА успешно ја имплементира оваа форма на комуникација на стадионот на своите претходни две натпреварувања, на Светското клупско првенство во Мароко и на Светското првенство за фудбалери до 20 години во Аргентина.

На Светскиот шампионат за фудбалерки ќе се применува и полуавтоматската технологија за одредување офсајд. За да се намали губењето време и да се обезбеди повеќе време за играње, судиите ќе му придаваат поголемо значење на пресметувањето на додаденото време. Задржаното време поради замени, повреди, црвени картони, пенали, прослави на голови и употреба на системот ВАР ќе се компензира на крајот од секое полувреме, а судиите се охрабруваат брзо да ја почнат играта по прекршоци, слободни удари, аути и удари од гол за да се спречат какви било непотребни одложувања што го прекинуваат текот на играта, пишува ФИФА. Н.М.