Фото: Игор Бансколиев

Македонија има технички квалитет, а индивидуалниот е неверојатен, оти еден на еден се одлични. Одбраната не им е најсилната страна, а и играта без топка треба да биде подобра. Ја почитувам селекцијата на Македонија, изјави селекторот на Фарски Острови, Хакан Ериксон

ФУДБАЛ – МАКЕДОНИЈА ВО ПРИЈАТЕЛСКИ МЕЧ СО 1-0 ПОДОБРА ОД ФАРСКИ ОСТРОВИ

Фудбалската репрезентација на Македонија го заврши мартовскиот циклус со две победи на домашен терен од исто толку натпревари. Најпрвин ја победи Малта со 2-1, во рамките на квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2024 во Германија (17 јуни-17јули), група Ц, а потоа во пријателски дуел, потешко од очекуваното, минимално со 1-0 славеше над Фарски Острови. Стрелец на победничкиот гол беше Бојан Миовски во 81-та минута, кој влезе во вториот дел од натпреварот.
– Најважно од овој натпревар беше да го видам менталниот и психолошкиот момент, за да бидам сигурен дека одиме во таа насока како што го замислувам тимот. Кога ќе подвлечеме црта по овие два дуела, пристапот, желбата, ентузијазмот, енергијата што ја покажаа играчите, особено на овој вториот меч, ме прави задоволен. Против Фарски Острови не бев задоволен од првиот дел, па направивме некоја корекција на полувремето. Без разлика дали е Малта, Фарски Острови или она што ни следува во јуни, пристапот и подготовката мора да ни биде секогаш исти, без разлика дали е квалификациски или пријателски натпревар. Оваа енергија што нѐ краси мораме да ја зачуваме. Ростерот е тој, немаме преголем избор за квалитет, но сите овие играчи вклучени во А-тимот покажуваат дека имаат квалитет. Секоја шанса што им е дадена ја искористуваат на најдобар можен начин – анализира македонскиот селектор Благоја Милевски.
Од првиот натпревар против Малта во евроквалификациите, селекторот Милевски направи шест промени. Во почетната постава ги немаше Димитриевски, Трајковски, Зајков, Елмас, Муслиу и Миовски. Некои од нив беа ослободени поради повреда, некои останаа на клупата. Натпреварот на арената „Тодор Проески“ во Скопје, од клупата заедно го водеа селекторот Благоја Милевски и неговиот прв асистент Роберт Стојановски.

– Не е добро да се рече дека сум задоволен кога ќе загубиме, но сум горд на своите фудбалери. Ја почитувам селекцијата на Македонија. Беше многу поинаку од она што го игравме со Молдавија, оти го почнавме мечот со седум нови играчи од претходниот. Македонија има технички квалитет, а индивидуалниот е неверојатен, оти еден на еден се одлични. Одбраната не им е најсилната силна, а и играта без топка треба да биде подобра – изјави селекторот на Фарски Острови, Хакан Ериксон.
Следните два натпревара од овој циклус на квалификации ќе се играат во јуни. Така, црвено-жолтите најпрво дома ќе се сретнат со Украина (16 јуни), а три дена подоцна ќе гостуваат на „Олд трафорд“, против фаворизираната Англија.
Во групата Ц, каде што е сместена Македонија, засега Англија има максимални шест бода (од два меча), пред Италија со три (од два меча), Македонија три (од еден меч), а Украина и Малта се без бодови (од еден меч).
Во другите средби од ова второ некомплетирано коло (се играше и вчера), Франција ја запиша втората победа, откако минимално славеше на гости против Република Ирска со 1-0. На втора победа се радуваше и Србија, совладувајќи ја Црна Гора со 2-0, во Подгорица. Полска минимално ја совлада Албанија со 1-0, Австрија со 2-1 беше подобра од Естонија, Унгарија беше убедлива со 3-0 против Бугарија, Холандија со истиот резултат против Гибралтар, а најубедлива беше Шведска, која ја декласира со 5-0 селекцијата на Азербејџан. Голови не беа видени единствено на средбата Молдавија – Чешка. Г.И.


ТАБЕЛА, ГРУПА Ц

Англија 2 2 0 0 6
Италија 2 1 0 1 3
Македонија 1 1 0 0 3
Украина 1 0 0 1 0
Малта 1 0 0 1 0

Мечеви играни во понеделник
Австрија – Естонија 2-1
Унгарија – Бугарија 3-0
Ирска – Франција 0-1
Молдавија – Чешка 0-0
Црна Гора – Србија 0-2
Холандија – Гибралтар 3-0
Полска – Албанија 1-0
Шведска – Азербејџан 5-0