Гвардиола дојде во клубот во 2015 и оттогаш му донесе пет првенствени титули, една повеќе отколку што клубот освоил од своето основање во 1880 година
ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА
Фудбалерите на премиерлигашот Манчестер Сити, предводени од нивниот менаџер Пеп Гвардиола, се старо-нови шампиони на Англија. Тие на коло до крајот на првенството го примија победничкиот пехар, независно од триумфот во 37. коло над Челси (1-0), оти главниот конкурент Арсенал загуби (0-1) на гостувањето кај Нотингем форест. За Манчестер сити ова е деветта титула во неговата клупска историја, трета во низа, а петта во последните шест сезони. На коло до крајот, но и со натпревар помалку, „граѓаните“ имаат 88 бода, а Арсенал, кој во текот на целото првенство речиси беше лидер на табелата, има 81.
Сепак не одеше толку лесно. Титулата беше под голем знак прашалник до пред малку повеќе од еден месец. Тогаш Арсенал имаше осум бода повеќе и беше на добар пат да ја прекине доминацијата на Манчестер сити. Сепак, заедно со последниот триумф над Челси, Манчестер сити оствари големи 12 победи во низа, кои се покажаа како пресудни за врвот на табелата.
Под водство на шпанскиот стратег Гвардиола, Манчестер сити до крајот на сезонава има шанса да освои уште два значајни трофеја. Прво го чека финалето во англискиот ФА-куп, против лутиот градски ривал Манчестер јунајтед (3 јуни), а потоа и финалето во годинашнава Лига на шампионите (ЛШ) против италијанскиот калчолигаш Интер, кое е закажано за 10 јуни, на стадионот „Ататурк“ во Истанбул, Турција. Ако Манчестер сити го победи Интер, тоа за нив ќе биде прв пехар во најквалитетното клупско фудбалско натпреварување.
Гвардиола дојде во клубот во летото 2015 година и оттогаш му донесе пет првенствени титули, една повеќе отколку што клубот освоил од своето основање во 1880 година. Г.И.