ФУДБАЛ – ДЕНЕСКА ВО ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ, ЛИГА Ц
Адутите на Милевски се во средниот ред, Елиф Елмас, Енис Барди и Езџан Алиоски, како и во нападот, Александар Трајковски, кој треба да го одигра 80-от меч за Македонија, и Бојан Миовски, кој игра одлично сезонава за шкотски Абердин
Македонија денеска (18 часот) ѝ гостува на Грузија во Тбилиси, во рамките на петтото коло во фудбалската Лига на нации (ЛН), лига Ц, група четири. Битен, можеби најважен меч годинава за Македонија, бидејќи ѝ одговара само победа за да остане во конкуренција за освојување на првата позиција во групата. На Грузија, која е без пораз на четирите досегашни меча (три победи и едно реми), доволен ѝ е бод од овој дуел за да биде победник во групата, што води во повисок ранг, во лига Б, но обезбедува и настап во плејофот за пласман на Европското првенство (ЕП) 2024 година.
Македонија не се покажа најдобро во ЛН, загуби од Грузија во Скопје, со 0-3, во јуни, што беше своевиден реванш за поразот од 0-1 во плејофот за пласман на ЕП лани. Потоа следуваа ремито на гости со Бугарија (1-1) и двете победи над аутсајдерот Гибралтар, на гости (2-0) и дома (4-0).
Пред овој натпревар, селекторот на Македонија, Благоја Милевски, се соочи со многу проблеми, главно поради повредите на неколку битни играчи. Сепак, тој и натаму верува дека неговите избраници можат пријатно да изненадат.
– Имаме многу проблеми и непланирани работи што се однесува до здравствената состојба и формата на неколкумина фудбалери. Исто така, некои од играчите немаат клубови, неколкумина, што се вели, пред некој ден најдоа клуб, а за формата да не говорам. Но овие момчиња редовно нѐ изненадуваат, особено кога тимот се соочува со проблеми, покажуваат дека се во состојба да се стават во функција на тимот. Тие проблеми ни даваат дополнителен мотив и, додека постојат шанси, ќе дадеме сѐ од себе да се бориме за највисок пласман – вели Милевски.
Надежите и адутите на Милевски се во средниот ред, во Елиф Елмас, Енис Барди и во Езџан Алиоски, како и во нападот, во Александар Трајковски, кој треба да го одигра 80-от меч за Македонија (има постигнато 19 гола), и во Бојан Миовски, кој игра одлично сезонава и веќе даде пет гола за шкотски Абердин.
Грузија, пак, предводена од селекторот Вили Сањол, поранешен француски репрезентативец, дефанзивец, не е поразена на девет меча по ред (седум победи и две ремија) во сите натпреварувања и прими само три гола. Последниот пораз Грузија го претрпе од Грција (0-2), во квалификациите за Светското првенство (СП) во Катар, во октомври 2021 година. Оттогаш Грузија победи на три од четирите натпревари дома, а единствениот исклучок беше ремито без голови против Бугарија, на 12 јуни. Но и Македонија не е без шанси, со оглед на фактот дека само еднаш беше поразена (од Португалија, 0-2) на последните седум гостувања (и четири победи и две ремија) во сите натпреварувања. Л.Д.