Денеска е мечот за третото место помеѓу Хрватска и Мароко, а утре е финалето во кое се среќаваат двојните светски прваци Аргентина и Франција. Во пресрет на разврската за медалите и за индивидуалните награди („златна топка“, „златна копачка“…) разговаравме со македонските фудбалски стручњаци Јовановски, Стратев и Станојковиќ

ФУДБАЛ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР

Аргентина ќе игра со Франција во финалето утре (16 часот) на годинашното фудбалско Светско првенство (СП), а во дуелот за третото место, денеска (16 ч.) ќе играат Хрватска и Мароко. На досегашните 62 меча се постигнати 163 гола (2,63 по натпревар, слична ефикасност како на СП 2018), имаше многу неизвесни натпревари, големи изненадувања, драматични завршници, рекорди… Во пресрет на разврската за медалите и за индивидуалните награди („златна топка“, „златна копачка“, „златната ракавица“, наградата за најдобар млад фудбалер…) разговаравме со неколку македонски фудбалски стручњаци.
– Она што го реков и пред СП се обвистини, а тоа е изедначеноста во квалитетот на играта. Самиот факт што во полуфиналето беа Хрватска и Мароко, а не на пример една Германија, Англија или друга фудбалска велесила, на најдобар начин и го отсликува целото СП во Катар. Притоа не треба да се заборави дека Мароко играше против Франција, која, пак, освен двата гола, во ниеден момент не беше доминантна на теренот. Едноставно, оние репрезентации што порано беа аутсајдери, сега се доближија до фаворизираните, и тоа и на техничко-тактички и на кондициски план. Денес не може некоја силна селекција да игра против послаба, а да се каже дека е изразит фаворит. Сметам дека фудбалот во овие, фудбалски кажано, помали држави и понатаму брзо ќе се развива. Иако многу натпревари на ова СП завршија 0-0, сепак, според квалитетот на играта тоа беше едно од најдобрите и најизедначени досега. Уште типувам на Аргентина за шампионската титула. Целокупна позитивна енергија што ја има оваа селекција, а токму за Лионел Меси да ја освои титулата што му недостига, сметам дека ќе се пренесе и на самиот натпревар – вели некогашниот македонски селектор Ѓоре Јовановски.
Фудбалскиот стручњак Зоран Стратев очекува неизвесно финале.

– Необично СП. Пред сѐ поради различниот временски термин во кој првпат се играше, немањето подготвителен период за репрезентациите од дваесетина дена, како и отсуството на повеќе фудбалери поради повреди, како што е примерот со Франција, која настапи без Карим Бензема и уште неколку носечки играчи. Она што остави прв впечаток кај репрезентациите е големиот напредок на африканскиот фудбал, а од тренерски аспект, пак, повеќе доминираше одбранбената тактика, со чекање грешка на противникот, па затоа и немаше премногу офанзивен фудбал. Од тактички аспект, голем дел од селекциите играа со три фудбалери во последниот одбранбен ред, најзастапен систем на игра на ова СП беше 1-4-3-3, а беа видени и системите 3-4-3, потоа 5-3-2, 3-5-2 и 4-2-3-1. А токму со последниов систем, кој е пофлексибилен, Франција и триумфира на СП 2018. Денес сите сакаат да играат поофанзивно преку овој систем, но на ова СП тоа го правеа до втората зона, ретко кој се осмелуваше да оди до третата зона со повеќе фудбалери. Финалето ќе биде неизвесно и израмнето, но се надевам на добар фудбал – рече Стратев.
Поранешниот репрезентативец Вујадин Станојковиќ вели дека СП изобилуваше со изненадувања.

– СП во Катар изобилуваше со многу изненадувања, кои досега се немаат случено во таков обем, што од друга страна покажува дека во фудбалот сите селекции многу вложуваат. Имаше многу интересни натпревари, но и репрезентации што малку и калкулираа во одредени дуели, а кои не смееја да ги загубат, но фудбалот е суров и им се случи тоа што им се случи. Сепак, на крајот, тие што покажаа најмногу беа потрпеливи, поодговорни на поставените задачи на теренот, дојдоа и до завршницата. Африканскиот фудбал не може да се каже дека е многу големо изненадување, оти тој има континуитет, со децении постојано се вложува во фудбалот, а резултатите се видливи. Истото се случува и во азискиот дел, каде што сега дојдоа до израз Јапонија и Јужна Кореја. Фудбалот едноставно си бара вложување, дисциплина, одговорност, работа, трпеливост и континуитет, ако се сака успех. Играта на СП немаше некоја новина, но имаше тактики. Едноставно фудбалот е тој, чекор повеќе или помалку, рационално играње по сите линии на теренот, а тимскиот дух е тој што секогаш треба да функционира за позитивно да резултира. Според мене, најмногу покажа Франција, но и Аргентина е заслужено во финалето, која во своите редови, пак, го има Лионел Меси со кого никогаш не си на чисто без разлика на неговите години, како што е Лука Модриќ кај Хрватите – вели Станојковиќ. Г.И.; Г.М.