Претседателот на Светската атлетика, Себастијан Коу, изјави дека светските првенства би можеле да се поместат на нови локации за да се заштитат спортистите од екстремната топлина. Една студија од 2015-та открила дека фудбалерите што играле на температури над 28 степени доживеале „топлински стрес“ и имале намалена активност. Зголемувањето на температурите ги загрозува и зимските спортови, процените се дека само 10 од минатите градови домаќини на ЗОИ би можеле да бидат домаќини во 2050 година…

Климатските промени и глобалното затоплување, кои се тековен феномен, придружувани со зголемените температури, се причината за обилни дождови и урагани, а влијаат и на зголемување на нивото на океаните. Сето тоа влијае и врз спортот на многу начини.
Спортскиот сектор е под влијание на последиците од порастот на температурите, а пообилните врнежи, повисоките нивоа на морето и зголемувањето на бројот на екстремни временски настани имаат нарушувачки последици врз спортот, пишуваат Обединетите нации (ОН). „Во 2018 година, високите температури ги принудија организаторите на тенискиот турнир на САД опен да им понудат на спортистите „пауза поради жештина“, за време на Австралија опен во 2020 година, лошиот квалитет на воздухот предизвикан од шумски пожари принуди некои тенисери да се повлечат од турнирот, до 2050 година, се предвидува речиси една четвртина од стадионите на англиската фудбалска лига да бидат делумно или целосно поплавени секоја година…, а ова се само примери на спортски настани од висок профил, влијанието врз помалите, повеќе локални настани е потенцијално многу поголемо“, пишува ОН.
Претседателот на Светската атлетика (СА), Себастијан Коу, изјави дека светските првенства (СП) би можеле да се поместат на нови локации за да се заштитат спортистите од екстремната топлина. Тој изрази загриженост за нивната безбедност и предупреди дека СА е подготвена да ги менува локациите на настаните како резултат на глобалното затоплување. На СП во Орегон минатата недела, температурите достигнаа над 32 степена.
– Можам да видам дека сме во позиција каде што на некои од нашите настани почнуваме да гледаме како на настани за издржливост. Можеби кога станува збор за друмските трки, како што се маратоните, ќе треба да ги ставиме во побенигна средина. Не сме единствениот спорт што треба да се справи со тоа. Климатските промени се со нас и нема да исчезнат. Мораме да признаеме дека можеби ќе треба да ги правиме работите на наш начин за да ги заштитиме спортистите од топлотните услови – рече тој, додавајќи дека настаните би можеле да се преселат во почетокот од годината или наесен и да се совпаднат со големите градски маратони.

ЖЕШТИНИ, ПОПЛАВИ…

Високите температури се неповолни и за, на пример, фудбалерите, што можеше да се забележи и на СП 2014 во Бразил, кога температурите достигнуваа до 28 степени, а влажноста на воздухот над 60 отсто. Една студија од 2015 година открила дека фудбалерите што играле на температури над 28 степени доживеале „топлински стрес“ и имале намалена активност. Кога температурите се приближуваат до 40 степени, играњето фудбал е речиси невозможно.
– Ова е огромен проблем во професионалниот спорт. Играњето во текот на денот ќе стане невозможно. Гледачите и спортистите се изложени на ризик од колапс поврзан со топлината или, во екстремни случаи, од сончев и топлотен удар – вели Тим Мајер, спортски лекар во германската репрезентација.
Во случај на високи температури, одложувањето на мечевите за подоцна во текот на вечерта или за други датуми, заштитата од сонце и почестото пиење и освежување со вода се клучните препораки, според спортската комисија на Германската фудбалска асоцијација.
Светската фудбалска федерација (ФИФА) го препознава предизвикот што го носат зголемените температури. ФИФА има цел „да ги приспособи фудбалските регулативи и активности за да бидат поотпорни на тековните и на очекуваните влијанија на климатските промени“, рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, лани во ноември во Глазгов.
Климатските промени се закана и за фудбалските клубови во, на пример, Велика Британија. Од 92-та клуба во четирите најдобри лиги, на една четвртина или на повеќе од 20 им се заканува делумно или целосно годишно поплавување на стадионите до 2050-та, пишува фудбалскиот аналитичар Дејвид Голдблат во извештајот за 2020 година.

ЗИМСКИ СПОРТОВИ

Зголемувањето на температурите ги загрозува и зимските спортови. Една неодамнешна студија проценила дека поради зголемувањето на температурите, само 10 од минатите 21 град домаќин на зимски олимписки игри (ЗОИ) би можеле да бидат домаќини во 2050 година, а осум до 2080 година. Лани на Летните олимписки игри во Токио, пак, маратоните и некои други дисциплини, поради жештините, беа преместени во посеверниот град Сапоро… Л.Д.


И Тур де Франс го погоди жештината

Тур де Франс, чие годинашно 109-то издание заврши во неделата, отсекогаш бил тест за човечката издржливост. Велосипедистите поминуваат епски растојанија во текот на три недели, но покрај сите маки годинава, голем проблем им беа и високите температурите што достигнуваа и до 40 степени. Трката се вози покрај прекрасни пејзажи, но во изминатите неколку недели велосипедистите поминуваа покрај исушено земјиште, покрај глечери што се топат и покрај шумски пожари. За да се заштитат, велосипедистите пред етапите поминуваа што е можно повеќе време под сенка, облечени во елеци обложени со мраз. На трката тие се обидуваа да ја намалат топлината ладејќи се природно со ветерот облечени во дресови што овозможуваат послободен проток на воздухот и носејќи шлемови со повеќе отвори.