Фото: ЕПА

Англискиот репрезентативец е најдобар стрелец во една дебитантска сезона во Баерн, заедно со Лука Тони, и постигна најмногу голови по 20 натпревари во една сезона во Бундеслигата, заедно со Герд Милер и со Роберт Левандовски. Кејн води и во трката за „златната копачка“ на Европа и е на пат да собори голем број други долгогодишни индивидуални рекорди

ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА

Хари Кејн го постигна својот 24-ти гол во германската фудбалска Бундеслига во победата на Баерн на дуелот со Борусија Менхенгладбах дома, со 3-1, и го израмни клупскиот рекорд како најдобар стрелец во една дебитантска сезона, пишува „Скај спорт“. Тимот на тренерот Томас Тухел останува два бода зад лидерот Баер, со кој следниот викенд игра во дербито за врвот на табелата. Англискиот фудбалски репрезентативец Кејн го израмни рекордот поставен од Лука Тони (Италија) во 2007 година.
Капитенот на Англија, Кејн, веќе е рекордер според најмалку одиграни натпревари во Бундеслигата потребни за да постигне 20 гола, кои ги достигна по 14 меча. Тој сега го израмни и рекордот за најмногу голови по 20 натпревари во една сезона во Бундеслигата, откако со неговите вкупно 24 погодока се израмни со ефектот на двајца поранешни напаѓачи на Баерн, Герд Милер, кој го оствари тоа во сезоната 1969/1970, и Роберт Левандовски, во сезоната 2020/2021, пишува „Би-би-си“.
Иако освојувањето на првиот голем трофеј во неговата кариера ќе биде примарна цел на Кејн сезонава, тој е на пат да собори уште голем број други долгогодишни индивидуални рекорди.
Така, на пример, тој е на шест гола до достигнување на рекордот на Уве Зелер за најмногу погодоци во дебитантската сезона во германската Бундеслига (Зелер забележа 30 погодока играјќи за Хамбург во сезоната 1963/1964), а треба да постигне 15 гола за да се изедначи со најдобриот англиски стрелец на сите времиња во Бундеслигата, Тони Вудкок, кој 39 пати ја затресе противничката мрежа во дресот на Келн, во два периода, помеѓу 1979 и 1988 година, пишува „Би-би-си“.
Кејн е прв стрелец во Бундеслигата со 24 гола и моментно води и во трката за европската „златна копачка“ со 48 поени (головите во најсилните првенства се множат со коефициент два итн.). Н.М.