Здравјето и безбедноста на фудбалерите и на сите други во играта треба да бидат пред секој друг приоритет, рече претседателот на ФИФПРО, Дејвид Аганзо
Фудбалот треба да направи повеќе за да ги заштити играчите од „опасни нивоа на пренатрупан календар“, вели Светскиот синдикат на фудбалерите (ФИФПРО), пренесе „Би-би-си“.
– На индустријата ѝ треба многу поголем колективен напор за воспоставување ефективни заштитни мерки за оптоварувањето на играчите и одговорно календарско решение што го штити здравјето на играчите и ги поддржува перформансите на фудбалерите – рече претседателот на ФИФПРО, Дејвид Аганзо, пренесе „Би-би-си“.
ФИФПРО додаде дека новите формати на Лигата на шампионите и на Светското клупско првенство може да претставуваат дополнителна закана за благосостојбата на играчите. Промените во двете натпреварувања од сезоната 2024/2025 би можеле да доведат до зголемување од 11 отсто на бројот на натпревари. Бројот на екипи во групната фаза од Лигата на шампионите ќе порасне од 32 на 36, а една екипа може да одигра и до 17 натпревари, наместо досегашните 13, доколку стигне до финалето.
Новиот формат на Светското клупско првенство, почнувајќи од 2025 година, кој вклучува 32 тима и треба да се игра секои четири години, би можел да донесе тимовите да играат седум дополнителни натпревари за да стигнат до финалето.
– Здравјето и безбедноста на фудбалерите и на сите други во играта треба да бидат пред секој друг приоритет – рече Аганзо, пренесе ФИФПРО.
Во извештајот за следење на оптоварувањето на играчите на ФИФПРО, кој користел податоци од 1.800 професионални фудбалери, се додава: „Реформите на двата големи турнира на крајот ќе го зголемат бројот на мечеви одиграни од врвни фудбалери што би можеле да се појават и на двете првенства. Ова е закана за благосостојбата на играчите, кои веќе се доведени до нивната граница со тековниот меѓународен календар на натпревари“, пренесе „Би-би-си“.
Дефанзивецот на Манчестер јунајтед и на Франција, Рафаел Варан, кој беше вклучен во извештајот како студија на случај, играше за својот клуб осум дена по финалето на Светското првенство.
– Календарот е веќе повеќе од полн. Играчите се преморени, а ќе биде уште полошо. Се плашам дека ќе бидеме сведоци на многу пократки кариери и дека играчите ќе мора да се откажат од репрезентацијата на Франција многу рано, бидејќи, физички или психички, она што се бара денес е едноставно надвор од границите – рече Варан, кој се повлече од меѓународниот фудбал во февруари на 29-годишна возраст.
Извршниот директор на Здружението на професионални фудбалери (ПФА), Махета Моланго, рече дека одлуката на Варан да се пензионира предвремено од меѓународниот фудбал може да се случува почесто.
– Ако го загубиме Варан, ќе загубиме квалитет, ќе загубиме гледачи и тогаш мислам дека тоа е опасна спирала. Треба да најдеме решение каде што ќе престанеме да го гледаме ова изолирано, туку глобално. Не одредувате календар и потоа да ги прашувате играчите „дали можете да го одиграте тоа“, или поточно „направи го тоа“. Гледаш колку е максималниот број на мечеви што можат да ги одиграат и потоа оттаму го градиш календарот. Мислам дека тргнуваме од погрешен крај на дискусијата околу тоа – рече Моланго. Н.М.