Енис Барди и соиграчите го слават голот за водство/Фото: ФФМ

Фудбалската репрезентација на Македонија очекувано го совлада Гибралтар на гости со 2-0, во второто коло од Лигата на нациите (ЛН).

Македонија почна офанзивно и поведе преку Енис Барди во 21-та минута по негова индивидуална акција со неколку дриблинзи, откако беше проигран од Езѓан Алиоски. А изгледнa шанси имаше и Милан Ристовски кој ја погоди гредата од противничкиот гол. Бобан Николов го постави конечниот резултат во 84-та минута по асистенција од Дориан Бабунски.

Бобан Николов во акција/Фото: ФФМ

Селекторот Благоја Милевски направи четири промени во почетната постава во однос на дуелот против Бугарија (1-1) од ЛН, одигран во Разград во четвртокот. Прилика денеска добија голманот Дејан Илиев, дефанзивците Никола Серафимов и Тодор Тодоровски, како и Бобан Николов во средниот ред. Тие ги заменија Столе Димитриевски, Дарко Велковски, Цветан Чурлинов и Стефан Ашковски кои го почнаа претходниот меч.

Бугарија вечерва ја пречекува Грузија во меч од истата група 4 од Лигата Ц. За Македонија, по дуелот со Гибралтар, во јуни следуваат две средби дома, и тоа со Грузија (на 9 јуни) и со Гибралтар (на 12 јуни), а во септември и натпреварите на гости со Грузија (на 23 септември) и дома со Бугарија (на 26 септември). Победникот на групата во следното издание на Лигата на нациите ќе игра во лигата Б.

Фото: ФФМ