Со исполнувањето на сите медицински барања и зад затворени врати, мечевите би можеле да се вратат релативно брзо, вели претседателот на УЕФА, Чеферин

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, уверува дека „наскоро ќе го вратиме стариот фудбал“, но вели „за тоа не одлучува спортот, туку политиката“. УЕФА се залага за продолжување и за завршување на европските клупски натпреварувања сезонава, но во Холандија и во Франција првенствата веќе завршија. Чеферин е уверен дека фудбалот „ќе се смени само за краток временски период“.

– Човештвото ќе го победи коронавирусот. Сега гледаме колку е чувствителен нашиот свет и таквата ситуација целосно го дестабилизира. Фудбалот е направен од позитивна енергија, а сѐ до неговото враќање луѓето ќе немаат перцепција дека ситуацијата е нормализирана. Фудбалот ќе се промени, но само за кратко. Тој веќе преживеа две светски војни и епидемии во минатото. Наскоро ќе го имаме стариот добар фудбал. Но тоа, пред сѐ, ќе зависи од одлуките на државните органи. Со исполнувањето на сите медицински барања и зад затворени врати, натпреварите би можеле да се вратат релативно брзо – изјави Чеферин за „Нова.рс“.