Фото: Игор Бансколиев

ФИФА денеска треба да одржи онлајн состанок со националните федерации за иднината на фудбалот и за предлозите на ФИФА за календарот на светскиот фудбал

ВО ПРЕСРЕТ НА ГЛОБАЛНИОТ САМИТ ЗА ИДНИНАТА НА ФУДБАЛОТ

Според извештајот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), 63,7 отсто од анкетираните фудбалски гледачи сакаат почесто одржување светски првенства (СП), на две години, а Европската фудбалска унија (УЕФА) предупредува на „длабоко негативна перспектива“ доколку се ратификуваат плановите.
Глобалниот онлајн самит на ФИФА со националните федерации за иднината на фудбалот и за предлозите на Светската фудбалска федерација за календарот на светскиот фудбал треба да се одржи денеска, со дијаметрално спротивставени мислења на ФИФА и на УЕФА, пишува британски „Скај спорт“.
Истражувањето на Светската фудбалска федерација покажа генерално позитивни размислувања за почести светски првенства, сѐ додека не се зголеми обемот на натпреварите и на оптоварувањето за играчите, а анкетираните од Африка (76 отсто се за) и од Азија (66 отсто) биле најпозитивни, пишува „Скај спорт“. Во Европа, 48 отсто од анкетираните се за одржување светски првенства секои две години, а кај три големи фудбалски земји, Англија, Германија и Франција постои најголемо неодобрување. Само 10 отсто од анкетираните во Англија биле за.
Од Европската фудбалска унија, за која студија направила консултантската компанија „Оливер и Олбаум“, велат дека резултатите се „алармантни“ и „поттикнуваат сериозна загриженост за одржливоста на планот за европските асоцијации“.

Исто така, отвораат прашања и за другите спортови, за што загриженост пројави Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Во извештајот се тврди дека само 25 отсто од фудбалските гледачи во Европа сметаат дека СП на две години е подобрување, 40 отсто рекле оти ќе гледаат помалку нокаут и групни натпревари и 60 отсто мислат дека престижот на СП ќе падне.
– Истражувањето спроведено од „Оливер и Олбаум“ проектира длабоко негативна перспектива за европскиот репрезентативен фудбал, доколку се спроведе планот на ФИФА. Ако се соберат загубите од централизираните приходи (медиумски права на машките европски квалификации и Лигата на нациите, дистрибуции од ЕП) и од поединечни извори како што се билети и спонзорства, приходите за европските национални асоцијации може да се намалат помеѓу 2,5 и 3 милијарди евра во текот на циклус од четири години, во зависност од бројот на достапни квалификациски термини (два или само еден). Повторувајќи ги јасните забелешки искажани од европските чинители во неколку наврати и цврстото и мотивирано противење објавено од навивачките организации, УЕФА смета дека радикалните промени треба да се предложат само доколку резултираат со јасни и несомнени придобивки за играта и за нејзините актери – наведува УЕФА.