Пресреќен сум поради сѐ што постигнавме минатите години. Се забавувавме, гледавме како расте тимот, како напредува, тоа е најдобриот сигнал дека работиме добро. Стигнав до 200 натпревари, не можам да бидам позадоволен, вели Гвардиола

ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Пеп Гвардиола нема по добро да го памети 200-от натпревар на клупата на Манчестер сити во англиската фудбалска Премиер-лига. Наместо победа, неговиот тим претрпе неочекуван пораз дома од Кристал палас (0-2). Тој од 2016 година, на 200-те натпревари на клупата на Сити во Премиер-лигата, забележа 146 победи, 25 ремија и 29 порази, а во тој период освои три титули во Премиер-лигата, четири Лига-купа и еден ФА-куп, а минатата сезона стигна и до финалето на Лигата на шампионите, во кое загуби од Челси (0-1). По четирите години со клубот од детството, Барселона, и три со Баерн, Гвардиола потпиша тригодишен договор со Манчестер сити во 2016 година, а потоа уште двапати го продолжи и му важи до 2023 година.

– Пресреќен сум поради сѐ што постигнавме минатите години. Се забавувавме, гледавме како расте тимот, како напредува, тоа е најдобриот сигнал дека работиме добро. Се обидувам да се адаптирам, да се приспособувам на Премиер-лигата за конкретни работи и, ете, стигнав до 200 натпревари, не можам да бидам позадоволен. Не жалам за ништо, не можам да посакам и да побарам повеќе отколку што сме направиле досега. Имам сѐ што ми е потребно за да ја вршам мојата работа што е можно подобро. Опкружен сум со фантастични играчи, вклучувајќи ги и оние што се тажни затоа што не играат. Имам сѐ, одлични соработници, клупските челници ме поддржуваат безрезервно – вели Гвардиола.
Манчестер сити загуби четири од минатите 10 меча во Премиер-лигата на домашен терен (пет победи и едно реми), што е ист број порази како и во претходните 55 меча на домашен терен (46 победи и пет ремија). Кристал палас, пак, е третата екипа што го победила Манчестер сити на Гвардиола на гости два или повеќе пати. Другите два тима се Манчестер јунајтед, трипати и Челси, двапати. Палас претрпе само два пораза на првите 10 натпревари сезонава (две победи и шест ремија), што е најниска бројка на порази по 10 натпревари во најквалитетната лига по сезоната 1990/1991, кога не загуби ниту еден меч.