Вечерашниот меч ПСЖ – Манчестер сити е во фокусот на вниманието во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), поради квалитетите на двата тима и поради нова средба помеѓу Лионел Меси и Пеп Гвардиола, кои своевремено пред десетина години имаа одлична соработка во Барселона. Меси одигра само три натпревари за ПСЖ и уште нема постигнато гол. Тој ги пропушти последните два меча поради болки во коленото.
Откако Гвардиола ја напушти Барселона во 2012 година, по четирите славни години во кои Меси прерасна во суперѕвезда, првпат се соочи со стариот клуб во полуфиналето на ЛШ во 2015 година. Барселона го победи Баерн предводен од Гвардиола вкупно со 5-3 на патот до освојување на трофејот. Меси постигна два гола во победата со 3-0 на првиот натпревар на „Ноу камп“. Вторпат се сретнаа во групната фаза во 2016 година, набргу по пристигнувањето на Гвардиола во Сити. Меси постигна хет-трик, Барса победи дома со 4-0, а потоа Сити победи во реваншот со 3-1.
Меси ја освои последната од четирите досегашни титули во ЛШ во 2015-та, а Гвардиола не го кренал трофејот откако Меси ја инспирираше Барселона во победата над Манчестер јунајтед (3-1) во финалето во 2011 година. Меси ја напушти Барселона како најдобар стрелец на сите времиња со 672 гола на 778 натпревари. Неговиот врв на „Ноу камп“ беше во последната сезона на Гвардиола таму, во 2011/2012, кога постигна неверојатни 73 гола. Никој не ја знае играта на Меси подобро од Гвардиола, но никој не знае подобро од Пеп дека е тешко да се запре Меси кога е на врвно ниво.