Арсен Венгер, поранешниот менаџер на Арсенал, а сега шеф на ФИФА за глобален развој на фудбалот, сака да ги насочи правилата за фаворизирање на напаѓачите, велејќи дека треба да се смета дека не се во офсајд ако некој дел од нивното тело што може да постигне гол е барем на нивото со дефанзивецот, дури и ако другите делови се напред

Институциите одговорни за фудбалските прaвила ќе го преиспитуваат правилото за офсајд, во обид да се „зајакне духот на напаѓачката игра“, пишува „Би-би-си“. На состанокот на Одборот на меѓународните фудбалски федерации (ИФАБ), во Белфаст, задолжен за измени во фудбалските правила, исто така беше одобрено појаснување на правилото за игра со рака за „појасно да се разликува“ удар во раката и во рамото. И замените во случај на потрес на мозокот треба да бидат испробани, најверојатно на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио годинава. Се чини дека постојаните замени би биле подобра опција отколку привремената замена додека се спроведува 10-минутно оценување на состојбата на повредениот фудбалер.

Одлуките за офсајд се најдоа во фокусот во Премиер-лигата сезонава, по воведувањето на системот видеопомошник-судија (ВАР). Времето потребно за да се донесе одлука го натера генералниот секретар на ИФАБ, Лукас Бруд, да повтори дека ВАР треба да се користи само за да се поправат „чистите и очигледни грешки“.

Претходно, шефот на ФИФА за глобален развој на фудбалот Арсен Венгер рече дека треба да има простор за промена на правилото за офсајд како одговор на полемиката околу ВАР. Поранешниот менаџер на Арсенал сака да ги насочи правилата за фаворизирање на напаѓачите, велејќи дека треба да се смета дека не се во офсајд ако некој дел од нивното тело што може да постигне гол е барем на нивото со дефанзивецот, дури и ако другите делови се напред. Заложбите на Венгер ги поддржа претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, пишува „Би-би-си“.

– Решивме да го проучиме ова понатаму, да дебатираме и со различни засегнати страни да изработиме протокол. Очигледно, филозофијата за поттикнување напаѓачки фудбал секогаш треба да нѐ води. Мора да бидеме свесни за традицијата, но точно е дека офсајд-правилото се развило со текот на времето. Ќе се обидеме да им обезбедиме на напаѓачите повеќе можности за постигнување погодоци. Но мора да го тестираме тоа – рече Инфантино, пренесе „Би-би-си“.

Најзначајната промена во правилата на играта што треба да излезе од годишната генерална средба на ИФАБ се однесува на правилото за играње со рака. Од почетокот на сезоната 2020/2021 точката во која ќе се разделат раката и рамото сега ќе биде запишана во правилата на играта како „линија на маицата“, пишува „Би-би-си“. Новото правило има за цел да им овозможи на официјалните лица на натпреварот да „разликуваат појасно“ што е удар на топката во раката и во рамото. „Линијата за маицата“ е последна во големиот број појаснувања во врска со правилата за играње со рака, кои, како и офсајдот, се ставени под микроскоп со употреба на ВАР. Претходниот амандман, кој беше во употреба од минатогодишното финале во Лигата на шампионите, вели дека игра со рака би била досудена против играч доколку рацете му се прошират „надвор од природна силуета“, дури и ако тоа е случајно, пишува „Би-би-си“.