Судот за спортска арбитража (ЦАС) ја усвои жалбата на Манчестер сити во случајот со наводното прекршување на финансискиот ферплеј, со што англискиот клуб ќе може да учествува во фудбалската Лига на шампионите и следната сезона, пренесува И-ес-пи-ен.

Сити првично доби забрана за учество во европските купови во наредните две сезони, но усвојувањето на жалбата значи дека петтото место во Премиер-лигата нема да води во ЛШ, како што се очекуваше по првичната казна. Манчестер јунајтед моментно ја зазема петтата позиција.

Сити вложи жалба до Судот за спортска арбитража на 8 јуни откако доби двегодишна забрана од европските натпреварувања и казна од 30 милиони евра.

Сити уште е во конкуренција во тековната ЛШ, каде што го очекува реваншот од осминафиналето против Реал Мадрид. Англискиот клуб има предност од 2-1 по првиот дуел во Мадрид.