Езџан Алиоски го постигнува голот за Македонија/Фото: УЕФА

Македонија не успеа да ја сопре најголемата ѕвезда на Украина, Андриј Јармоленко, кој забележа гол и асистенција во победата на неговата селекција од 2-1 во мечот од второто коло од групата Ц на Европското првенство, одигран на Националната арена во Букурешт.

Езџан Алиоски го постигна единствениот гол за Македонија во 57-та минута, откако топката се одби до него по пеналот што самиот не успеа да го реализира. Прекршокот за најстрога казна беше направен врз капитенот Горан Пандев.

Капитенот на украинската репрезентација кој настапува за англиски Вест хем, лесно влегуваше во изгледни прилики за гол, со што успеа да ја искористи третата во 28-та минута, откако Столе Димитриевски ги одбрани неговите претходни обиди. Набргу потоа искусниот крилен напаѓач го проигра Роман Јаремчук кој излезе сам пред македонскиот голман и погоди во 34-та минута.

Андриј Јармоленко

Селекторот Игор Ангеловски во второто полувреме ги внесе во игра напаѓачите Дарко Чурлинов и Александар Трајковски, кои ги заменија Стефан Спировски и Бобан Николов, a потоа и Даниел Аврамовски на местото на Енис Барди. Македонија беше поопасна во вториот дел, откако немаше удар во рамките на противничкиот гол во првото полувреме. „Црвено-жолтите“ го притискаа противникот, успеаја да создадат изгледни шанси за Аријан Адеми и за Елиф Елмас, и да ја намалат предноста на Украина, но не и да изедначат. Трајковски ги имаше последните два обида во судиското надополнување од мечот, но шутираше непрецизно.

Голманот Димитриевски успеа да го одбрани пеналот што го изведе Руслан Малиновски во 83-та минута. Пеналот беше досуден со користење на ВАР, при што судијата Фернандо Рапалини забележа дека Даниел Аврамовски, во живиот ѕид, со рака го изблокирал шутот на Малиновски кој биеше од слободен удар.

Во вториот дуел од групата Ц вечерва ќе се сретнат Холандија и Австрија. Македонија која има два пораза, во последниот меч од групната фаза ќе игра против Холандија в понеделник.