Барселона го победи Атлетик (4-0) и го освои 31-от трофеј, за Лионел Меси ова беше седми пехар, а со деветте гола стана најефикасниот во финалињата

ФУДБАЛ – ШПАНИЈА

Барселона постигна четири гола за 12 минути (од 60-та до 72-та) во победата над Атлетик со 4-0 и го освои рекордниот 31. пехар во шпанскиот „кралски“ фудбалски куп, во 42-то финале. За Барселона ова е прв трофеј под водство на тренерот Роналд Куман, прв клупски од 2019 година (првак на Шпанија) и прв за Лионел Меси во улога на капитен. За Барселона ова е и 94-ти трофеј во клупската историја, најмногу од сите шпански клубови (Реал Мадрид има 92).
Лионел Меси и Серхио Бускетс го одиграа 10-то финале, што е рекорд во ова натпреварување. Меси го освои седмиот трофеј во Купот со Барса, колку што имаат освоено Бускетс, Жерар Пике и Аугустин Гаинца, а со деветте гола е најефикасен во финалињата, надминувајќи го легендарниот Телмо Сара (осум), кој и понатаму е најефикасен во сите мечеви во Купот, со 81 гол.
– Многу е посебно да се биде капитен на овој клуб и нешто многу посебно за мене да го кренам овој пехар. Штета е што не можеме да славиме со нашите навивачи, но ова е ситуацијата во која треба да живееме. Ваквите трофеи секогаш се посебни и луѓето уживаат – изјави Меси за „Марка“.
Атлетик го претрпе вториот последователен пораз во Купот во последните две недели, откако на 3 април загуби од Реал сосиедад (0-1) во одложеното финале од 2020 година.