Договорени се три изданија на мечеви помеѓу прваците на Европа и на Јужна Америка. Точниот датум и местото за одигрување на првиот ваков дуел, Италија – Аргентина, допрва ќе бидат познати

Од идната година интерконтинентален куп помеѓу Европа и Јужна Америка

Европската фудбалска унија (УЕФА) објави дека е постигнат договор да се одиграат три изданија на интерконтинентални натпревари помеѓу прваците на Европа и на Јужна Америка. Точниот датум и местото за одигрување на првиот ваков натпревар допрва ќе бидат познати, но би требало да биде во јуни 2022 година, а наводно кандидат е Неапол, пишуваат британски медиуми.
Натпреварот помеѓу континенталните шампиони е најновиот чекор за поблиска соработка помеѓу УЕФА и нејзиниот јужноамерикански еквивалент, КОНМЕБОЛ. Ваквата соработка помеѓу двете конфедерации доаѓа откако тие остро им се спротивставија на предлозите на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за реформа на меѓународниот календар, кој вклучува светски првенства (СП) на секои две години.
Шампионите во клупските натпреварувања на двата континента играа меѓу себе од 1960 година, пред тој натпревар да се спои со клупското Светско првенство (СП) во 2005 година. Досега немаше сличен договор за меч помеѓу победниците на Европското првенство (ЕП) и на Копа Америка.
– Со овој договор, УЕФА и КОНМЕБОЛ ја изразија својата посветеност за развојот на фудбалот надвор од нивните географски зони, како мост што ги обединува луѓето, земјите, континентите и културите. Извршниот комитет на УЕФА и советот на КОНМЕБОЛ, исто така, изразија силна подготвеност да продолжат да соработуваат за други прашања од заеднички интерес и понатаму – пишува УЕФА на својата интернет-страница. Л.Д.


ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Шериф како Лестер пред пет сезони

Молдавскиот Шериф каде што игра македонскиот репрезентативец Бобан Николов, дебитантот во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), направи големо изненадување, совладувајќи го 13-кратниот европски првак Реал на гости во Мадрид со 2-1. Натпреварот во шпанската престолнина беше 10-ти за Шериф во ЛШ сезонава, откако мораше да помине низ четири квалификациски рунди за да стигне до групната фаза. Во првото коло на групната фаза, тие го победија Шахтар што им дава надеж дека можат да стигнат и до осминафиналето, од групата во која е и италијанскиот првак Интер. Шериф во Молдавија освои 20 титули во 22 сезони. На двата домашни првенствени натпревари пред мечот во Мадрид постигна 11, а не прими ниту еден гол. Шериф е првиот тим по Лестер во сезоната 2016/2017 што победил на првите два натпревара на дебито во натпреварувањето. Реал Мадрид, пак, пропушти да испише нова историја и да ја забележи 100-та победа во ЛШ дома. Л.Д.


ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Меси: Се приспособувам на мојот нов тим

Лионел Меси го постигна првиот гол во дресот на Пари сен Жермен, на мечот со Манчестер сити (2-0), за него 121. во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) и 673. гол на клупски план. Голот на Меси, во негов стил, со прецизен удар под пречката со левата нога беше 27. на 35 меча против тимови од Англија, сите во ЛШ, 15 повеќе од кој било друг играч.
– Вистина е дека бев нестрплив да го постигнам првиот гол. Не играв многу претходниве недели. Се приспособувам на мојот нов тим. Колку повеќе ние напаѓачите ќе играме заедно, толку подобар ќе биде и нашиот однос. Сите треба заедно да се подобруваме и да го даваме најдоброто – изјави Меси (34) за францускиот „Канал плус“.
Меси го привлече вниманието и поради играта во дефанзива. Шеснаесет од неговите 60 допири со топката беа на половината на ПСЖ. Тој ја освои топката на работ од 16-те метри и ја почна контрата по која го постигна голот. Ниту еден играч на ПСЖ немаше повеќе успешни додавања (43) од него. Сити го претрпи првиот пораз во групната фаза по септември 2018 година, кога загуби од Лион (1-2). Оттогаш тимот на Гвардиола беше без пораз на 18 средби.
– Одигравме добар меч, направивме сѐ, но не можевме да постигнеме гол. Тие се бранеа длабоко и со квалитетот што го имаат, секогаш беа опасни во контранапад. Знаевме дека е невозможно да се контролира Лео во текот на 90 минути. Тој немаше многу допири со топката, но јасно ни беше дека кога е кај него е незапирлив – изјави Гвардиола за „БТ спорт“. Л.Д.