Тие на ЕП забележаа резултати над т.н. минимален квалификациски скор (МКС), што дава можност, врз основа на поднесена апликација до Трипартитната комисија на ИОК, да се учествува на ЛОИ 2020

На Европското првенство (ЕП) во спортско стрелаштво што се одржа во Осиек, Хрватска, македонските натпреварувачи забележаа резултати над т.н. минимален квалификациски скор (МКС), што дава можност, врз основа на поднесена апликација од Олимпискиот комитет на Северна Македонија (ОКСМ), Трипартитната комисија на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) да се учествува на Летните олимписки игри (ЛОИ) 2020 во Токио.
Македонските стрелци во Осиек настапија во дисциплината воздушна пушка, 10 метри. Најдобар резултат забележа олимпијката од Рио 2016-та, Нина Балабан, 619,6 круга (МКС е 580 круга). Ана Ивановска погоди 616,3, а Антонија Андонова-Тасевска 609,7 круга.

Лани во септември, на Светското првенство (СП) во Шангвон, Кореја, Борјан Бранковски во дисциплината воздушен пиштол, 10 метри погоди 570 круга што исто така е над пропишаниот МКС (563 круга).

Трипартитната комисија на ИОК обезбедува 24 места за настап на ЛОИ преку т.н. покани. Тоа значи дека Македонија, како и на минатите ЛОИ, има шанса да добие едно место. Во Рио 2016-та на тој начин се најде Нина Балабан, во Лондон 2012-та, Македонија немаше претставник, во Пекинг 2008-та, настапи Сашо Несторов, во Атина 2004-та и во Сиднеј 2000-та, Дивна Пешиќ и во Атланта 1996-та, Дарко Насески.
Треба да се напомене дека Македонија од поодамна немала спортист/ка што А или Б норма за ЛОИ. Последен со А-норма беше кајакарот на диви води, Атанас Николовски, во Пекинг 2008-та.

Во декември 2017-та, МОК (сега ОКСМ), потпиша стипендиски договори со 12 спортисти/ки, потенцијални учесници на ЛОИ 2020-та. Тоа се Берат Јакупи и Емил Павлов, Пуликсенија Јованоска и Наташа Стефановска (карате), Елмедин Сејфулаи и Могамедгаџи Нуров (борење), Дејан Георгиевски (таеквондо), Лина Ѓорческа (тенис), Дарио Ивановски (атлетика), Арбреша Реџепи (џудо), Нина Балабан (стрелаштво) и Евгениј Поп Ацев (маратонско пливање), кои добиваат месечен надоместок од 625 до 800 долари.

Досега ниту еден македонски спортист/ка нема обезбедено А или Б-норма за Токио 2020-та и како што стојат работите тешко дека некој/а ќе забележи висок пласман на некое големо европско или светско натпреварување или, пак, ќе ја истрча или ќе ја исплива временската норма, што со сигурност ќе гарантира пласман на ЛОИ.

Засега ветувачки резултати постигнуваат каратистите, но имајќи предвид дека бројот на учесници на карате-турнирот на ЛОИ ќе биде мал (10 во секоја категорија од светската листа), а конкуренција е голема, ќе биде многу тешко да се стигне дотаму.
Од екипните спортови, пак, можност имаат само ракометарите, ако претходно обезбедат настап и висок пласман на Европското првенство в година, со што би се пласирале на квалификацискиот турнир за пласман на ЛОИ.