Николовски победи по 86 потези

Женската репрезентација на Македонија, пак, убедливо беше поразена од Србија на ЕП во Батуми, во дуел во кој ремизира единствено Стојковска

Македонската машка шаховска репрезентација (просечен рејтинг 2.498 поени, рангирана на 29-то место пред турнирот), со реми го почна на 22-то Европско екипно првенство (ЕП), што во конкуренција на 40 држави се игра во Батуми, Грузија. Во 1-то коло избраниците на селекторот Роландо Кутиров одиграа нерешено 2-2 со силната Германија (рејтинг 2.641, рангирана на 9-то место), со што го повторија резултатот со Германија од ЕП 2007 во Крит, Грција. Ова беше вкупно четврти дуел помеѓу двете селекции, а поуспешна е Германија со две победи и две ремија (во поени 9,5-6,5).

– Никола Николовски блесна, Недев во отворање беше подобар, но ја испушти предноста и дојде во послаба позиција, па спасуваше реми, Георгиев сето време беше минимално послаб, ама лесно ремизира со силниот Нисипеану, додека Панчевски влезе во недостиг од време за размислување, па за последните 20 потези имаше само половина минута и јасно беше дека некаде ќе згреши – коментира селекторот Кутиров.

На првата табла, Кирил Георгиев (2.577) со црни фигури ремизира со Дитер Ливиу Нисипеану (рејтинг 2.656), Трајко Недев (2.500) со ВМ Даниел Фридман (2.637), ИМ Филип Панчевски (2.490) загуби од ВМ Георг Мејер (2.628), а ИМ Николовски (2.424) по 86 потези го совлада ВМ Расмус Сван (2.592).

– Партијата беше мошне интересна. Во италијанско отворање, уште од почетокот имав мала предност, која постепено ја зголемував и на крајот успеав да ја реализирам со топ против ловец. Одигравме 86 потези, што доволно кажува дека противникот добро се бранеше – вели Николовски, кој настапи и на минатото ЕП, ова му е вкупно четврта победа, а има и четири ремија и два пораза на двете ЕП.
Македонските шахисти 11-ти пат настапуваат на континенталното првенство, досега девет пати почнале со пораз, а по еднаш со победа и со реми. Вчера во 2-то коло играа со квалитетниот состав на Израел (2.635, рангиран на 11-то место). Во ова коло изненадија Данска и Австрија, кои ремизираа со Русија (рангирана на првото место), односно со Англија (рангирана на второто место).

Женската репрезентација на Македонија (1.986, рангирана на 31-то место од 32 селекции), убедливо беше поразена од Србија (2.300, рангирана на 15-то место) со 0,5-3,5. Единственото реми го впиша ЖФМ Моника Стојковска (2.108) на првата табла против ЖВМ Јована Ериќ (2.285), што претставува нејзино вкупно петто реми на три ЕП (со пет победи и шест порази) на колку што настапила. Бојана Бејатовиќ (2.004) загуби од ЖИМ Теодора Ињац (2.257), Ивана Манова (1.795) од ЖИМ Адела Великиќ (2.275) и ЖИМ Габриела Коскоска (2.036) од ЖИМ Марина Гајчин (2.262).

Избраничките на селекторот Влатко Богдановски вчера во второто коло играа со Словенија (2.209, рангирана на 25-то место). За Македонките ова е седмо учество на ЕП, а досега во првите кола забележале една победа и шест порази.