Фото: Пиксабеј

Техно

„Самсунг“ ќе го одржи својот следен настан „Галакси анпакд“ за помалку од еден месец и ќе ја претстави новата серија на уреди „галакси С24“. Познатиот прогнозер Еван Блас објави материјали за серијата „галакси С24“, која ќе ја види светлината на денот на 17 јануари во 19 часот по наше време. Часовникот за одбројување вклучува и кратка најава за вештачката интелигенција Галакси АИ, што е одговор на „Самсунг“ на ЧетГПТ и Гугл Бард. Продажбата се очекува на почетокот на февруари.
Материјалот за печат ги потврдува повеќето претходни информации за спецификациите. „Галакси С24“ ќе има 6,2-инчен екран „дајнамик АМОЛЕД 2Х“ со ФХД+-резолуција и брзина на освежување од 120 херци, додека максималната осветленост ќе биде 2.600 нити. Моделот „галакси С24 плус“ ќе користи малку поголем екран од 6,7 инчи со КХД+-резолуција, додека „галакси С24 ултра“ ќе добие панел од 6,8 инчи.
Моделите „галакси С24“ и „С24 плус“ ќе имаат куќиште армор алуминиум 2.0, а подобрена нова рамка од титаниум е резервирана за моделот ултра. Сите три телефони ќе бидат достапни во оникс црна, кобалт виолетова, мермерно сива и килибарна жолта боја.
Кога станува збор за камерите, „С24“ и „С24 плус“ ќе нудат главни камери од 50 мегапиксели со 3x телефото-модул. Главната камера ќе може да снима видео до 8К резолуција. Моделот „С24 ултра“ ќе има главна камера од 200 мегапиксели поврзана со 3x и 10x телефото-модули.
Според информациите во медиумите, сите три телефони „галакси С24“ ќе се напојуваат со процесорот „снепдрагон 8 ген 3“ на „Квалком“, но веќе е познато дека некои региони како Јужна Кореја, Европа и Индија наместо тоа ќе го добијат процесорот „ексинос 2400“.
„С24“ ќе биде достапен со 8 гигабајти РАМ и 128 и 256 гигабајти внатрешна меморија, додека „С24 плус“ и „С24 ултра“ ќе нудат 12 гигабајти РАМ со 256 и 512 гигабајти внатрешна меморија. Моделот „С24“ ќе се напојува со батерија од 4.000 милиампер-час, „С24 плус“ ќе има батерија од 4.900 милиампер-час, додека моделот „С24 ултра“ ќе има батерија од 5.000 милиампер-час.